Најмалку 152 милиони бебиња се родени предвреме во периодот од 2010 до 2020 година, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Според новиот извештај, предвременото породување е најголемата причина за смрт кај децата, што претставува повеќе од една петтина од сите смртни случаи кај деца на возраст под пет години.
Дел од предвремено родените деца може да имаат долгорочни здравствени реперкусии, вклучително и поголем ризик од инвалидитет и доцнење во развојот, се наведува во извештајот. Врз основа на податоците од 2020 година, во извештајот се вели дека околу 13,4 милиони бебиња биле родени предвреме во 2020 година, од кои околу еден милион починале како резултат на проблеми од предвременото раѓање.
Ова соодветствува на околу едно на секои 10 предвремено родени бебиња (пред 37-та недела од бременоста) низ светот, се додава во извештајот.
Земјата на раѓање ја одредува можноста за преживување
Според извештајот, само едно од 10 екстремно недоносени бебиња (под 28 недели) преживуваат во земјите со низок приход, во споредба со повеќе од девет од 10 во земјите со високи приходи.
„Многу често, местото на раѓање на бебињата го одредува и нивното преживување“, се вели во извештајот.
Се нагласува дека Јужна Азија и супсахарска Африка имаат највисоки стапки на предвремени породувања, а предвремено родените бебиња во овие региони се соочуваат со најголем ризик од смртност. Овие два региона сочинуваат повеќе од 65 отсто од предвремените раѓања на глобално ниво.
Истражувањето, исто така, посочува и дека конфликтите, климатските промени, уништувањето на животната средина, пандемијата на Ковид-19 и растечките животни трошоци претставуваат нови закани за жените и бебињата во светот.
Поголемите инвестиции можат да спасат милиони бебиња
Д-р Џој Лаун, коавтор за изготвување на извештајот од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, нагласи дека поголемите инвестиции може да спасат милиони бебиња во опасност.
„Поголемите инвестиции во грижата за ранливите новороденчиња може да спасат милиони семејства од скршени срца. Исто така, потребна е поголема работа за спречување на предвременото раѓање, што исто така ќе го подобри напредокот во намалувањето на мртвородените и смрт на мајката“, рече Лаун.
„Заедно оваа двојна патека на предвремена превенција и грижа ќе дадат поздрави индивидуи и општества за постигнување економски и социјален развој. Нашата следна генерација зависи од сите нас што дејствуваме сега, инвестицијата можеби не е мала, но повратот од оваа инвестиција ќе биде голем за секоја земја“, истакна таа.
Д-р Нахја Салим, коавтор на извештајот, нагласи дека „нема оправдување“ за молчењето по ова прашање.
„Сега во нашите раце ги имаме уредите и знаењето за да го промениме исходот за нашите новороденчиња“, додаде Салим.