Шест лица загинале, а неколку други се повредени како резултат на борбите / Фото: Reuters

Судири избија меѓу бунтовниците и армијата во источната провинција Северен Киву во Демократска Република Конго, соопштија лидерите на граѓански организации, додека илјадници граѓани ги напуштија своите домови.

Жестоки борби беа пријавени во средата кога конгоанската армија соопшти дека ги одбила нападите на бунтовниците М23 во стратешкиот град Саке, 27 километри од градот Гома, главниот град на провинцијата Северен Киву.

Судирите продолжија во четвртокот наутро во селото Рвибиранга на територијата Нирагонго, на околу 20 километри северно од Гома, изјави по телефон за Анадолу Жан-Клод Мамбо Каваја, претседател на граѓанската организација Нирагонго.

Каваја рече дека бунтовниците го прекинале патот што го поврзува градот Гома преку оската Кибумба и Рутшуру.

Бертранд Бисимва, водачот на бунтовниците М23, изјави на X дека владините сили ги нападнале нивните позиции во 5 часот наутро во четвртокот во Кибумба и неговата околина на територијата на Нирагонго.

Борбите принудија илјадници луѓе во Саке да ги напуштат своите домови во Гома. До четвртокот, околу 80 отсто од жителите на Саке побегнаа во Гома, бидејќи бунтовниците продолжија да напредуваат, рече Леополд Муиша, водач на граѓанска организација во Саке.

Локалните медиуми, повикувајќи се на медицински извори, јавија дека шест лица загинале, а неколку други се повредени во Саке како резултат на борбите.

М23 во средата соопшти дека немаат намера да го заземат градот Гома „спротивно на пропагандата спонзорирана од државата Киншаса“.

Меѓународниот форум на невладини организации во Демократска Република Конго рече дека ескалацијата на конфликтот на истокот од земјата оставила разорни последици, особено на териториите Масиси, Рутшуру и Нирагонго во Северен Киву.

„Зголемувањето на цивилните жртви и употребата на тешко оружје во населените области, вклучително и во камповите за раселените луѓе, се алармантни“, рече во Лук Ламприере, директор на Форумот на меѓународни невладини организации во ДРК.

М23 зазеде неколку области на територијата на Масиси и Рутшуру, лоцирани во провинцијата Северен Киву.

Владата во Киншаса отфрли каква било форма на дијалог со бунтовничката група. Демократска Република Конго ја обвинува Руанда дека ги поддржува бунтовниците М23 од нејзиното повторно појавување во ноември 2021 година, обвинение кое Кигали го негира.

Според Форумот на меѓународни невладини организации, од ноември 2023 година, судирите меѓу конгоанската армија и М23 раселија повеќе од еден милион луѓе.

Жан-Пјер Лакроа, заменик-генералниот секретар на ОН за мировни операции го повика М23 на итен прекин на непријателствата.

Последните судири меѓу конгоанските сили и М23 дојдоа кога владата во Киншаса ги протера мировниците на ОН, распоредени во источниот дел на ДР Конго од 1999 година.

Минатиот месец, конгоанската војска објави почеток на заедничка офанзива со војниците од Јужноафриканската развојна заедница (САДЦ) на истокот од земјата, со офанзивен мандат, главно насочени кон бунтовниците М23.

AA
Популарни