Инспекторите на Обединетите нации пристигнаа во Запорожје во „мисија да спречат нуклеарна несреќа“, изјави шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Тимот на МААЕ пристигна во украинскиот град Запорожје, 55 километри оддалечен од централата.
Делегација предводена од претседателот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Маријано Гроси, треба да ја посети нуклеарната централа „Запорожје“ во југоисточна Украина за да спроведе истрага.
Директорот на МААЕ, Гроси рече дека како агенција се надеваат дека ќе формираат постојана мисија во Украина за следење на нуклеарната централа „Запорожје“.
„Овие операции се многу сложени операции. Одиме во воена зона. Одиме во окупирани подрачја. Ни требаат јасни гаранции не само од Русите, туку и од Украина. Успеавме да го постигнеме тоа и сега се движиме кон [нуклеарната централа „Запорожје“].“
Тимот од 14 члена, предводен од Гроси, се очекува да продолжи со последната етапа од своето патување до централата што ја контролира Русија во четврток наутро на рута низ територијата окупирана од Русија.
Случајот со „Запорожје“ предизвика глобалнит грижи и широка загриженост. Украина ја повика Русија да го запре гранатирањето на рутата по која треба да се движат експертите.
„Руските окупаторски сили мора да престанат со гранатирање на коридорите што ќе ги користи мисијата на МААЕ и да не ги попречуваат нејзините активности во централата“, напиша на Фејсбук портпаролот на Министерството за надворешни работи Олег Николенко.
Најголемата нуклеарна централа во Европа
Нуклеарната централа „Запорожје“, која се наоѓа во југоисточна Украина, е најголемата нуклеарна централа во Европа.
Електраната, која има шест нуклеарни реактори, има капацитет за производство на електрична енергија од 5.700 мегават/часови и обезбедува 20 отсто од вкупната електрична енергија во Украина.
На 4 март контролата врз електраната ја презеде Русија. Околу електраната која моментално е под контрола на Руската армија, се случуваат артилериски напади. Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за овие напади.