Топлотниот бран и пожарите најголема закана за Европа     Фото: Reuters

Рекордно високите летни температури низ Западна Европа и Медитеранот веќе однесоа 1.700 жртви. Екстремната жештина како и ветровите веќе распламтија голем број шумски пожари низ Франција, Португалија, Шпанија и Грција.

Во последниот топлотен бран од 2003 година кој беше прогласен за европска катастрофа, починаа речиси 70.000 луѓе. Овој пат, научниците предупредуваат дека последиците може да бидат значително поголеми.

Кои се последиците од топлотните бранови?

Топлотните бранови, според здравствените експерти, се многу поопасни отколку што се мислеше, и се претпоставува дека бројот на жртви низ Европа е многу поголем отколку првично пријавените смртни случаи.

Европа се соочува со најтешките топлотни бранови во последните децении     Фото:  Reuters

За време на екстремно жешките температури, човековото тело се соочува со огромен стрес. Се намалува можноста на ладење на телото преку потење, со што организмот се потешко ја одржува телесната температура.

Топлотниот бран доведува до грчеви, исцрпеност, дехидрираност и може да има фатални последици, особено за хронично болните пациенти.

Екстремното жешко може да предизвика и топлотен удар кој се карактеризира со симптоми како мачнини, главоболки, конфузија, гадење, вртоглавица, висока телесна температура, топла, црвена, сува или влажна кожа, брз и силен пулс, несвестица, и губење на свеста.

Еден од најсилните топлотни бранови досега во Европа     Фото: Reuters

Екстремни суши, опасни пожари

Топлината претставува опасна закана за енергетските потенцијали на голем дел од европската територија. Државите кои се зависни од хидроенергија се соочуваат со екстремни суши какви што не се паметат.

Најмалку 500 жртви има досега во Шпанија     Фото: Reuters

Франција мораше да ја намали количината на нуклеарна енергија бидејќи со недостигот на вода не може целосно да ги излади сите нуклеарни производствени капацитети.

Италија поради екстремната суша се соочува со високи загуби во земјоделството со недостиг на наводнување и намалување на обработлива почва.

Големи шумски пожари беснеат во Шпанија каде според досегашните информации најмалку 500 луѓе загинале како последица на топлотниот бран.

Рекордно жешко во невообичаени делови од Европа

Државите од северот и западот на Европа како Велика Британија вообичаено топлото време го дочекуваа со задоволство, како можност почесто да бидат надвор на сонце, но земјата сега е зафатена со рекордно измерени речиси 40 Целзиусови степени.

Се бара начин повеќе на разладување низ Европа     Фото: Reuters

Здравствените власти прогласија вонредна состојба, подготвувајќи ги институциите за наплив на пациенти со последици од топлотниот бран, од кои многумина ќе бидат и со фатални последици.

Повеќе земји од регионот прогласија вонредна состојба и највисок степен на предупредување од метеоролошките институти со препораки до граѓаните да преземат дополнителни мерки на заштита.

Европа како ново жариште

Според научниците интезитетот и зачестеноста на топлотните бранови ќе се зголемува поради последиците од климатските промени. Но, тоа што што не го очекуваа е што овие неповолни сценарија се случуваат многу порано од предвиденото, правејќи го времето за адаптација се пократко.

Меѓу научниците постои согласност дека Европа станува жариште на топлотни бранови во последните години, но се уште се утврдуваат точните причини.

Меѓу нив се топењето на Северниот пол, промената на летните ветрови, ослабени и променети океански струи, како и промени во атмосферскиот притисок, поради кој се повеќе се „вшмукува“ топол воздух од Северна Африка.

Потоа топлиот воздух останува „заробен“ над делови од Европа на подолг период, предизвикувајќи ги овие временски екстреми.

TRT Balkan / агенции
Популарни