Според првичните информации, во зградата нема настрадани / Photo: AFP

Најмалку едно лице загина, а неколку други се повредени откако товарен авион Боинг 737-400 што пренесувал нарачки на ДХЛ се урна утринава врз двокатна куќа во близина на аеродромот во литванската престолнина Вилнус.

„Две лица се хоспитализирани, а едно е мртво. Тоа се лицата кои според првичните податоци биле во авионот“, изјави за радио ЛРТ Саулиус Рашевскис, претставник на Секторот за противпожарна заштита и спасување (ПАГД).

Полицискиот претставник Рамунас Матонис за ЛРТ потврди дека во авионот имало четири лица, а еден од двајцата пилоти загинал.

Нема загинати од лицата кои биле во куќата врз која се урна авионот. Куќата се запалила кога авионот удрил во неа. Од таму се евакуирани 12 лица.

Генералниот директор на „ДХЛ Литванија“ Миндаугас Пивориунас за литванскиот јавен сервис изјавил дека авионот не ѝ припаѓа на компанијата,туку на компанијата Сфивтер, која била ангажирана според договорот.

„Засега причината за несреќата се уште не е јасна, ниту се знае што превезувал авионот. Немаме детали, бидејќи тоа не е наш авион, тоа е наш изведувач, тие се сопственици и оператори на авионот и имаат основни информации“, рече тој.

Претставникот на литванските аеродроми Тадас Василиаускас вели дека инцидентот се случил во близина на аеродромот во Вилнус.

„Аеродромот во Вилнус не е затворен, но авионите стојат на платформата и чекаат дозвола за полетување. Секако, спасувачките операции се во тек, инцидентот се локализира. Чекаме вести од градските власти “, рече Василијаускас.

Претставникот на аеродромот Мариус Зелениус претходно за радио ЛРТ изјави дека на лице место се распоредени голем број припадници на Противпожарната и спасувачката служба (ПАГД).

Од ПАГД изјавија дека околу 05:28 часот добиле информација дека товарен авион кој летал од Лајпциг удрил во станбена зграда.

Еден пилот бил изваден од леталото откако се освестил.

„Двокатната станбена зграда гори во отворен пламен“, изјави за радио ЛРТ претставник на Противпожарната служба.

Портпаролката на полицијата во областа Вилнус Јулија Самороковска истакна дека поради инцидентот сообраќајот во областа е ограничен.

TRT Balkan / агенции
Популарни