Како што се наближуваат претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД), најновите анкети покажуваат дека поранешниот претседател Доналд Трамп води пред потпретседателката Камала Харис во трката, а прашањето за економијата има главна улога во одлуките на гласачите.
Анкетата објавена во четвртокот од страна на Сеамериканското економско истражување на „Си-ен-би-си“ покажа дека Трамп води пред Харис со 48 отсто наспроти 46 отсто на национално ниво, со маргина на грешка од 3,1 отсто.
Во седумте „неодлучни“ држави - Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин - Трамп води пред Харис со 48 отсто наспроти 47 отсто, со маргина на грешка од 4 отсто за тој дел од анкетата.
Ова истражување истакна дека многу гласачи ја гледаат економијата како најважно прашање, при што значителен број му веруваат на Трамп дека ќе се справи со тоа подобро од Харис.
Според истражувањето на „Си-ен-би-си“, 42 отсто од гласачите веруваат дека би биле во подобра финансиска состојба доколку Трамп биде избран, наспроти 24 отсто кои се за Харис.
Околу 29 отсто веруваат дека нивната финансиска состојба ќе остане иста без разлика кој ќе победи.
Слично, анкетата спроведена од „Фајненшал тајмс“ во соработка со Бизнис-школата Рос на Универзитетот во Мичиген даде слични наоди. Откри дека 44 отсто од гласачите повеќе му веруваат на Трамп за економските прашања, додека 43 отсто ја поддржале Харис.
Според анкетата, на прашањето кој ќе им помогне финансиски, 45 отсто го избрале Трамп, додека 37 отсто ја избрале Харис.
Во меѓувреме, „РилКлирПолитикс“ (RealClearPolitics), која ги следи националните и регионалните анкети, утврди дека Харис води со 0,3 процентни поени на национално ниво. А, Трамп има предност од 0,9 поени во седумте „неодлучни“ држави.
Друга анкета објавена од „Волстрит журнал“ во средата, покажа дека Трамп има два процентни поени пред Харис на национално ниво. Анкетата покажа дека Трамп има поддршка од 47 отсто, додека Харис 45 отсто.