Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека ќе разговара со земјоделците, но не и со насилниците, откако во средата избија судири во главниот град Варшава, објавија локалните медиуми.
„Имаше и лица кои извршија акти на насилство врз безбедносните служби од политички причини. Непријатен и драматичен тек на настаните, но сосема типичен. Нема да разговарам со хулигани, ќе разговарам само со фармери“, изјави Доналд Туск.
Полицијата соопшти дека во средата демонстрантите фрлале камења врз полицијата и ги пробиле бариерите околу парламентот, при што биле повредени неколку полицајци.
Земјоделците, кои бараат повлекување од Зелениот договор на Европската унија и ограничување на увозот на жито од Украина, ги блокираа и автопатите кон Варшава во средата, а приврзаниците се собраа пред кабинетот на премиерот пред да маршираат до парламентот. Поединци го газеа знамето на ЕУ. За време на протестот на земјоделците им се придружија рудари, шумари и ловџии.
Министерот за внатрешни работи Марчин Киервински на социјалната мрежа Х објави дека се приведени 23 лица.
Михал Колоџијчак, заменик-министерот за земјоделство, во средата рече дека е неопходно да се изолираат „провокаторите и вознемирувачите“.
Туск рече дека барањата на земјоделците се оправдани и дека планира да предложи измени на Зелениот договор на ЕУ. Тој во средата објави дека ги поканил лидерите на земјоделците на последователен состанок во сабота, но додаде дека не се согласил на преговори.