Еврејски активисти кои протестираа против американската воена поддршка за Израел во Капитол беа уапсени во вторникот, еден ден пред предвиденото обраќање на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Конгресот.
Демонстрантите, организирани од активистичката група Еврејски глас за мир, носеа црвени маици со натписи „НЕ во наше име“ и „Евреи за разоружување на Израел“. Некои носеа транспаренти на кои пишуваше „Веднаш прекин на огнот“ и „Нека живее Газа“.
Протестите се планирани за време на посетата на Нетанјаху, за време на која тој ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, со потпретседателката Камала Харис и со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.
„Еве сме во зградата каде во последните девет и пол месеци членовите на Конгресот постојано одлучуваа да испратат бомби за да извршат геноцид“, напиша организацијата на социјалната платформа Икс.
Активистичката група објави дека се уапсени повеќе од 250 демонстранти, а на протестите учествувале 400 луѓе.
Демонстрантите легално влегоа во зградата „Кон Хаус“, во која се сместени канцелариите на претставниците, која е дел од комплексот Капитол, соопшти полицијата во вторникот.
„Им кажавме на демонстрантите, кои влегоа легално, да престанат бидејќи во спротивно ќе бидат уапсени. Тие не застанале“, се вели во полициското соопштение.
Полицијата на Капитол соопшти дека демонстрантите не го исполниле барањето, што довело до нивно протерување од зградата.
„ Протестирањето внатре во зградите на Конгресот е спротивно на законот“, велат од полицијата.
Нетанјаху треба да се обрати во Конгресот на седница во среда, што е ретка чест за странски лидер. Тој ќе зборува во време на тешки критики за неговото справување со војната во Газа од страна на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и врвните демократи.
Се очекува посетата на израелскиот премиер да го врати вниманието на конфликтот во Газа.