Украина од меѓународните кредитори побара замрзнување на исплатата долгот на две години за да ги насочи се помалите финансиски средства на воениот судир со Русија.
Доверителите треба да одлучат за барањето на Украина до 9 август. Официјалните доверители веќе ги објавија нивните позиции и ги повикаа сопствениците на обврзници да го прифатат барањето на Украина.
Канада, Франција, Германија, Јапонија, Велика Британија и САД заеднички ќе ги замрзнат долговите на Украина од 1 август до крајот на 2023 година и потенцијално за следната година.
Колкав е долгот на Украина?
Според податоците од Светската банка, на крајот на 2020 година, Украина имала 130 милијарди долари надворешен долг.
Земјата се надева на замрзнување на долг од 20 милијарди американски долари. Меѓу нив единаесет хартии од вредност во долари и две во евра со рок на достасување од 2022 до 2030 година.
Државните еврообврзници на Украина се во сопственост на главните менаџери на фондовите. Документацијата на EMAXX покажува дека BlackRock има 1,2 милијарди во различни фондови во САД и Велика Британија, додека Alliance Bernstein има 580 милиони долари, а EATON Vance и PIMKO имаат по 300 милиони долари од обврзниците.
Каква е состојбата со јавните финансии на Украина?
Украинската економија претрпе силен удар од руската инвазија. Предвидувањата за падот се движеа од 35 до 45 % за 2022 година.
Проценките на земјата беа дефицит од 5 милијарди долари или 2,5 % од предвоениот БДП месечно. Пред почетокот на воениот судир дефицитот изнесуваше само 3,5 % од БДП. Од почетокот на војната до 12 јули Украина доби 12,7 милијарди долари надворешна помош од меѓународните финансиски институции и влади на други држави. Киев исто така собра ист износ од финансирање преку централната банка и издавање на обврзници на украинската влада.
Рејтинг агенцијата Мудис пресмета дека приходите од даноци во Украина опаднале за повеќе од една третина од почетокот на инвазијата додека државните расходи пораснаа за 36 проценти во истиот период главно поради зголемените трошоци за одбрана од 319 проценти.
Какви последици ќе донесе замрзнувањето на долгот?
Мораториумот за надворешниот долг веднаш ќе ослободи пари за трошоци за воени потреби. Министерството за финансии соопшти дека ќе помогне да се ублажи моменталниот финансиски јаз од 5 милијарди долари месечно бидејќи земјата нема да мора да ги користи своите меѓународни резерви за да ги плати доспеаните обврзници.
Сепак иако Украина бара замрзнување на долгот прашање е како државата ќе го враќа заемот понатаму. Реструктурирање на долгот би можело да биде следна фаза.
Владата и надворешните кредитори би преговарале и на крајот веројатно би договориле нови услови за обврзниците кои би можеле да вклучуваат продолжување на рокот на доспевање, намалување или комбинација на двете работи.
„Ова нема да биде траен белег за Украина во обид да го врати нејзиниот пристап на пазарот. Сите можат да прифатат дека тоа е последица на агресијата на Русија, а кредиторите ќе бидат подготвени да гледаат поинаку на Украина”, вели Стјуарт Калверхаус, главен економист во лондонски „Телимер”.
Што ќе се случува понатаму?
Украинското министерство за финансии во средата одржа состанок со кредиторите за да ги објасни своите предлози. Украинската енергетска компанија „Нафтогас” пак побара минатата недела двегодишно замрзнување на долгот од своите кредитори. Тој предлог предизвика одредени проблеми со доверителите кои сметаа дека временската рамка за замрзнување на долгот е предолга.
„Зошто две години? Не е јасно, но не изгледа дека војната наскоро ќе заврши и многу е тешко да се направи анализа за одржливоста на долгот во оваа ситуација”, рече доверител кој сакаше да биде анонимен.
Не е јасно дали овој предлог ќе биде широко прифатен од страна на доверителите. Можеби ќе дојде до извесен притисок од нивна страна за да се намали периодот на замрзнување на долгот.