Украина во четвртокот објави дека најмалку 12 лица се повредени во руски воздушен напад врз вториот по големина град во земјата, Харков.
„Уништена е фасадата на петкатна станбена зграда, станови на 4 и 5 кат. Дванаесет лица се повредени, пет се хоспитализирани“, изјави гувернерот на Харков, Олех Синјехубов.
Украинската државна служба за вонредни ситуации објави дека по нападот била пружена психолошка помош на 23 лица.
Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, зграда лоцирана во станбената област Салтивка во североисточниот дел на Харков била погодена од наведувана бомба.
„За да престанат ваквите руски удари, Украина мора да ја добие потребната и пред се доволна поддршка од светот, нејзините партнери. Секој лидер точно знае што треба да се направи. Важно е да се биде одлучен“, рече Зеленски на мрежата Х.
Пошироката област Харков беше цел и на напади со руски беспилотни летала синоќа, при што Москва лансираше вкупно 105 беспилотни летала на 15 региони на Украина, соопштија од воздухопловните сили на земјата.
Во соопштението се наведува дека украинската воздушна одбрана соборила 78 од вкупно 105 лансирани беспилотни летала.
Руските власти се уште не го коментирале нападот или тврдењата.