Колку средства ќе собере Украина за реконструкција?     Фото: AFP

Украинскиот претседател Влaдимир Зеленски рече дека реконструкцијата на неговата земја погодена од војна е „заедничка задача на целиот демократски свет“, додека неговиот премиер изложи план за обнова на земјата вреден 750 милијарди американски долари, откако ќе запре руската инвазија.

Додека руските сили продолжуваат со разорниот напредок во источниот регион на Украина во Донбас, Зеленски преку видео порака се обрати на Конференцијата за закрепнување на Украина која се одржува во Швајцарија.

„Реконструкцијата на Украина не е локален проект, не е проект на една нација, туку заедничка задача на целиот демократски свет - сите земји, сите земји кои можат да кажат дека се цивилизирани“, им рече Зеленски на стотиците присутни во Лугано.

„Обновата на Украина значи враќање на принципите на живот, враќање на просторот за животот, враќање на сето она што ги прави луѓето луѓе“.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас рече дека таквото закрепнување ќе подразбира креирање на еден вид „Маршалов план“ за Украина со цел да и се помогне во обновата.

Ваквите амбиции, рече Зеленски, ќе бараат сеопфатна изградба, финансирање и безбедност „во целата наша земја која ќе биде принудена да продолжи да живее покрај Русија“.

Задачата, која веќе е во тек во некои области кои беа ослободени од руските сили, има за цел да ја искористи надворешната експертиза, владините средства и работата на Украинците за обнова на болници, училишта, владини згради, домови и станови но, исто така и водоводи, гасоводи и друга оштетена инфраструктура.

„Денес сите сме обединети во нашата одбрана. Утре во нашата реконструкција“, рече украинскиот премиер Денис Шимхал, кој присуствуваше лично.

Тој претстави план за обнова што ги задоволува непосредните потреби - дури и додека војната продолжува - проследено со „брзо закрепнување“ кога ќе заврши, а потоа и подолгорочни барања.

Шмихал рече дека трошоците за планот за закрепнување се проценуваат на 750 милијарди долари и инсистираше на тоа дека клучен извор на финансирање „треба да бидат конфискуваните средства на Русија и руските олигарси“. Тој наведе неодредени проценки дека таквите суми изнесуваат вкупно 300 до 500 милијарди долари досега.

„Руските власти ја започнуваа оваа крвава војна. Тие го предизвикаа ова масовно уништување и треба да одговараат за тоа“, рече Шмихал.

Швајцарија - засолниште за руските олигарси?

Претходно водечка швајцарска невладина група ја нарече Швајцарија „безбедно засолниште“ за руските олигарси и како трговски центар за руската нафта, жито и јаглен.

Се вели дека Швајцарија со текот на годините била „популарно прибежиште“ за руските бизнис-магнати.

TRT Balkan / агенции
Популарни