Украинските власти соопштија дека пронашле масовна гробница со повеќе од 440 трла во близина на североисточниот град Изум кој претходно бил окупиран од руските сили, споредувајќи ја областа со градовите Буча и Мариупол кои станаа симболи на злосторствата за време на рускиот напад врз Украина.
Претставник на регионалната полиција изјави дека некои од луѓето биле убиени од гранатирање и воздушни напади.
Серхиј Болвинов, главен полициски истражител за регионот Харков, изјави за Скај њуз дека ќе бидат спроведени форензички истраги за секое тело.
„Можам да кажам дека тоа е едно од најголемите погребни места во голем град во ослободените (области)... 440 тела беа закопани на едно место“, рече Болвинов.
„Некои загинале поради артилериски оган, некои загинале поради воздушни напади“, рече тој. Илјадници руски војници побегнаа од Изум изминатиот викенд.
Претседателот на Украина Владимир Зеленски ја префрли вината на Русија и го спореди откритието со она што се случи во Буча, на периферијата на главниот град Киев во раните фази на инвазијата на руските сили кон крајот на февруари.
„Русија остава смрт зад себе насекаде и мора да биде одговорна за тоа“, рече Зеленски во видео обраќањето.
Украина и нејзините западни сојузници ги обвинија руските сили дека таму извршиле „воени злосторства“. Русија постојано ги отфрли ваквите обвиненија.
Од фотографиите може да се забележи дека на еден гроб има маркер на кој пишува дека има тела на 17 украински војници. Тој е опкружен со стотици индивидуални гробници со само крстови за нивно обележување.
„Местото на масовна гробница е пронајдена во Изум, регионот Харков. Таму веќе се започнати потребните процедурални дејствија. Треба да има повеќе информации - јасни, проверени информации - утре“, рече Зеленски.
Истакнувајќи дека во петок ќе има украински и меѓународни новинари во Изум, претседателот рече:
„Сакаме светот да знае што навистина се случува и до што доведе руската окупација. Буча, Мариупол, сега, за жал, Изум...Русија ја остава смртта насекаде. И за тоа мора да одговара. Светот мора да бара од Русија вистинска одговорност за оваа војна“.