Најпогодените земји од климатските промени веќе ја плаќаат сметката. Растат нивните трошоци кои произлегуваат од заемите и економските предизвици кои дополнително ја нарушуваат нивната подготвеност да се адаптираат на климатските промени.
Карипските острови, поради географската положба и големината, долго време беа меѓу најранливите подрачја во светот погодени со климатските промени. Порастот на нивото на морињата, долгите сушни сезони и силните урагани продолжуваат да влијаат на безбедноста на храната и предизвикуваат масовно раселување.
Војната во Украина која трае веќе шест месеци исто така е причина за економски последици кои се чувствуваат до Хаити и Белизе, но и во малите држави на Пацификот на кои им се заканува да станат непогодни за живеење.
Без оглед на нивната директна зависност од Украина или Русија за храна, земјите со ниски или средни приходи се борат со се поголемите долгови кои дополнително ќе ги оневозможат да се адаптираат на климатските промени.
„Овие влади во голема мера финансираа или плаќаа за нивната адаптација. Нивните национални буџети ќе мора да се користат за намалување на данокот на увоз на гориво или за управување со системите на социјална поддршка” изјави за ТРТ Ворлд, Џанин Фелсон, амбасадорка на Белизе и водечки преговарач за финансирање на важни климатски прашања во Алијансата на малите островски држави (АОСИС).
Проценките се дека влијанието на климатските промени во Белизе влијаат на пад од зачудувачки седум проценти од БДП.
„Како климатските промени и глобалното затоплување одат во нагорна линија така ќе растат и трошоците за живот. Обратнопропорционалниот однос на тие трошоци со економскиот раст, заедно со недостатокот од финансирање со концесии за Карипските острови значи дека Карибите ги финансираат активностите на загадувачите”, вели Фелсон.
Еден неодамнешен извештај откри дека единаесет африкански земји који се најмалку одговорни за климатските промени мораат да потрошат најмногу средства за да се прилагодат на нив. Во некои случаи трошат и до пет пати повеќе на прилагодување отколку на здравствена заштита. Се очекува Еритреја да се соочи со трошоци за адаптација на климатски промени кои изнесуваат 22,7 проценти од нејзиниот БДП.
За споредба Еритреја троши 4,6 проценти на здравствена заштита.
Судирот на Русија и Украина доведе до пораст на цената на енергенсите и храната во меѓународни размери што во најголема мера ги погоди најсиромашните земји во светот.
Недостатокот на пченица ги погоди Судан, Конго, Сомалија Бенин, Лаос, Сенегал кои зависат од Русија и Украина. Порастот на трошоците за ѓубривата поврзан со повисоките цени на гасот го зголеми притисокот врз земјоделците ширум светот, а најмногу сиромашните земји кои повеќе пати се соочиле со криза.
Во 2009 година, богатите земји се обврзаа дека ќе обезбедат 100 милијарди долари годишно од 2020 до 2025 година за земјите со ниски приходи за да им помогнат да се прилагодат на климатските промени.
Официјалните податоци на ОЕЦД покажуваат дека целта остана неисполнета. Последните достапни податоци за 2019 година укажуваат на недостаток од 20 милијарди долари. Критичарите истакнуваат дека поголемиот дел од финансиските средства се обезбедени во облик на заеми, а не грантови.
„Африка доби само 18,3 милијарди долари годишно од 2006 до 2019 година за финансирање на адаптацијата на климатските промени. А тоа вклучува финансирање од владите. Така да ако го погледнете вистинското надворешно финансирање таа бројка е уште помала. Сепак на континентот му требаат преку 128 милијарди долари годишно за да ги исполни сите цели на својот климатски акциски план”, изјави Кевин Урама, вршител на должноста главен економист и потпретседател на групацијата во Африканска развојна банка.
Растечки долг
Студијата на Институтот за прекуморски развој (ИПР) која се занимава со економските трошоци од војната во Украина на земјите со ниски и средни приходи покажува дека многу земји кои не се директно изложени, се меѓу најзагрозените од глобалните економски шокови.
„Еден од индикаторите кои ги користевме беше проблемот со долгот. Ова се земји кои се заглавени меѓу неможноста да се задолжуваат и зголемување на климатскиот ризик и нискиот капацитет за финансирање на адаптацијата’, изјави Летиција Петиноти, една од авторките на студијата.
Покрај фактот дека богатите земји се соочуваат со зголемени трошоци на живот за своите граѓани, развојната помош чиј дел ја финансира адаптацијата на климатските промени и кај нив може да се намалува. Таков е случајот во Велика Британија.
Иако на маса имаше повеќе предлози решенијата не донесоа резултат”, изјави Клер Шакија, директорка за климатски промени во Меѓународниот институт за животна средина и развој (IEDD)
Плаќање на сметката за климатските промени
Обединетите нации проценуваат дека износот кој на земјите во развој секоја година им е потребен за ублажување и прилагодување на климатските промени веројатно ќе порасне на 300 милијарди долари до 2030 година.
Ако целите на ублажување на ефектите не бидат исполнети тој износ би можел да порасне до 500 милијарди долари во 2050 година.
Војната во Украина ја подигна цената на гасот. Европските влади бараат алтернатива додека Русија го затвара вентилот за гас за да изврши притисок поради санкциите. Новите договори кои вклучуваат развој на нова гасна инфраструктура и повторно отворање на електрани на јаглен ќе биде голем чекор наназад.
Во меѓувреме екстремните временски услови стануваат се почести, а најголемиот товар го носат земјите во развој. Еден неодамнешен извештај проценува дека износот на потребните средства за справување со хуманитарни потреби на Обединетите нации а кои вклучуваат екстремни временски непогоди, поплави, суши сега е осум пати поголем од пред 20 години. Земјите донатори плаќаат само половина од потребните средства. Земјите на кои тие им се најпотребни се Авганистан, Буркина Фасо, Бурубди, Чад, Конго, Хаити, Кенија, Нигер, Сомалија, Јужен Судан и Зимбабве.
„Намалувањето на климатските финансии може да го доведе светот во тројна криза“, вели професорот Урама.
„Кога го имате тој триаголник на катастрофа, сиромаштија, невработеност и климатски влијанија, не можете, а да не регистрирате тероризам и конфликти и социјална ранливост.“