Руската флота станува сè помала и помала! Благодарност до пилотите, напиша Олешчук / Photo: Screenshot X

Руските системи за противвоздушна одбрана соборија два украински авиони Су-24 кои лансираа проектили врз поморската база во Феодосија на Крим, соопшти руското Министерство за одбрана.

„Вечерва при одбивањето на нападот на украинската армија која употреби воздушно наведувани проектили, во базата во Феодосија е оштетен големиот амфибиски брод „Новочеркаск“. Во текот на противвоздушната битка, системите за противвоздушна одбрана уништија два непријателски авиони Су-24 во реонот на градот Жовтењ (125 километри североисточно од Николаев) кои лансираа ракети управувани од воздух“, соопшти руското воено одделение.

Во нападот на Феодосија едно лице загина, а две се повредени, изјави лидерот на Крим Сергеј Аксјонов.

Како што истакна, пристаништето е блокирано, пожарот што избувнал е локализиран, а службите работат на лице место.

„Оштетени се шест згради, главно со искршени стакла. Шест лица се евакуирани во привремено сместување, а останатите станари престојуваат кај пријатели и роднини“, рече тој.

Командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешук на Телеграм објави дека во нападот бил уништен важен брод на руската морнарица, амфибискиот јуришен брод Новочеркаск.

„Руската флота станува сè помала и помала! Благодарност до воздухопловните пилоти и сите што учествуваа во филигранската работа! - рече Олешчук.

TRT Balkan / агенции
Популарни