Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) предложи Венеција, еден од туристичките центри на Италија, кој се стекна со репутација на град на канали и гондоли, да се најде на листата на загрозени локалитети на светското наследство.
Проширениот состанок на Комитетот за светско наследство ќе се одржи во септември во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.
Комитетот се состои од претставници од 21 земја, а се состанува еднаш годишно и ја ревидира Листата на светското наследство во опасност.
Предлогот на УНЕСКО ја повика италијанската Влада да покаже „максимална посветеност“ за решавање на „долгогодишните проблеми“ во Венеција, која со години се бори со ефектите од туристичкиот метеж и климатските промени.
Во нацртот се наведува дека Владата не може доволно да напредува, особено за прашања како што се масовниот туризам, развојните проекти и климатските промени и се наведува дека проблемите, како туризмот и климатските промени, предизвикале влошување и оштетување на зградите и урбаните средини.
Венеција се бори со проблеми од климатските промени и туризмот
Во нацртот е наведено дека овие проблеми „го поткопуваат културниот и социјалниот идентитет на историскиот град и го загрозуваат интегритетот на неговите културни, еколошки и пејзажни квалитети и вредности“.
Последните години Венеција се бори со проблемите предизвикани од климатските промени и туризмот.
Додека големата суша во градот во февруари го оневозможи поминувањето на гондолите, водните такси и амбулантите низ некои канали, некои историски градби беа загрозени од поплавите во ноември 2019 година.