Унгарија би можела да ги испрати бегалците кои влегуваат во земјата во Брисел, најави шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Гергељи Гуљаш.
Будимпешта би можела да се одлучи на овој чекор ако не постигне договор со Европската комисија во врска со јунската одлука на Судот на правдата на ЕУ за парична казна од 200 милиони евра поради политиката за азил.
„По процедурата за азил, на сите мигранти на унгарската граница ќе им понудиме можност за бесплатен превоз до Брисел“, рече Гуљаш на неделната прес-конференција на владата и нагласи:
„Ако Брисел сака мигранти, нека ги има“.
Тој додаде, како што пренесува интернет порталот „Политико“, дека тамошните баратели на азил потоа можат да преговараат со Европската комисија за нивната грижа.
Заканата е поврзана со јунската одлука на Судот на ЕУ, кој ја казни Унгарија со повеќе од 200 милиони евра и уште еден милион евра за секој ден доцнење за неспроведување на пресудата на судот од 2020 година во областа на политиката на азил.
Европската комисија се обрати до судот бидејќи оцени дека Унгарија не ја почитува пресудата од 2020 година, кога Судот на правдата утврди дека Унгарија не ги почитува правилата на правото на ЕУ, вклучително и во делот на постапките поврзани со признавање на меѓународна заштита и враќање на државјани на трети земји.
Поточно, станува збор за ограничување на пристапот до процедурата за меѓународна заштита, незаконско задржување на барателите на азил во транзитните области и кршење на нивното право да останат во Унгарија до донесување конечна одлука.
Гуљаш ја нарече ситуацијата создадена со јунската судска одлука „неприфатлива, неподнослива и неправедна“.
„Будимпешта се надева дека ќе ја реши ситуацијата во разговорите со Европската комисија и ќе ја разгледа можноста за испраќање баратели на азил во Брисел доколку не постигнат разумен договор“, рече Гуљаш.
Според него, Унгарија размислува и за поднесување тужба со цел да добие некои средства од Европската комисија за да ја плати казната. Будимпешта ќе побара од Брисел да учествува во трошоците за заштита на нејзините граници од илегални преминувања.