Војната во Украина, кризните состојби од Африка до Авганистан и пошироко, како и недостигот од храна и климатската криза, рекордно го зголемија бројот на раселените лица во светот, нотира УНХЦР (Агенцијата на Обединетите нации за бегалци).
Заклучно со крајот на 2021 година, бројот на лица раселени поради војна, насилство, прогон и кршење на човековите права изнесуваше 89,3 милиони, што е за осум отсто повеќе во однос на претходната година и е двојно повеќе отколку пред десет години.
Ова е еден од клучните заклучоци во најновиот извештај на УНХЦР за глобалните трендови.
Бројот на луѓе принудени да побегнат од своите домови се зголемува секоја година последнава деценија и е на највисоко ниво од почетокот на евидентирањето, тренд кој може да се врати наназад само со нов заеднички притисок кон создавање мир, потенцира УНХЦР.
„Руската инвазија на Украина - која ја предизвика најбрзата и една од најголемите кризи на принудно раселување по Втората светска војна - и други кризни состојби, од Африка до Авганистан и пошироко, ја турна бројката преку драматичниот праг од 100 милион“, се вели во извештајот.
Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди вели дека секоја година во последнава деценија, бројките на раселени лица растат.
„Или меѓународната заедница ќе преземе заедничка акција за да се справи со оваа човечка трагедија, да ги разреши конфликтите и да изнајде трајни решенија, или овој ужасен тренд ќе продолжи“, потенцира Франди.
Недостигот од храна и климатската криза дополнителни тешкотии
Во најновиот извештај, УНХЦР потсетува дека минатата година ја запомнивме по бројот на конфликти што ескалираа и новите кои се разгореа; 23 држави, со вкупно население од 850 милиони луѓе, се соочија со конфликти со среден или висок интензитет, според Светската банка.
„Во меѓувреме, недостигот од храна, инфлацијата и климатската криза додаваат кон тешкотиите на луѓето, оптоварувајќи го хуманитарниот одговор, а изгледите за финансирање во многу ситуации се мрачни“, појаснува УНХЦР.
Зголемен бројот на бегалци
Бројот на бегалци во 2021 година се зголеми на 27,1 милиони. Порасна бројот на пристигнувања во Уганда, Чад и Судан. Повторно, повеќето бегалци беа прифатени во соседните држави со малку ресурси. Бројот на баратели на азил достигна 4,6 милиони, што е пораст од 11 отсто.
Исто така, минатата година се случи 15-тиот последователен годишен пораст на бројот на лицата раселени во својата земја поради конфликт, и бројката се искачи на 53,2 милиони.
Зголемувањето беше поттикнато од растот на насилства или конфликти на некои места, како на пример во Мјанмар. Конфликтот во Тигреј во Етиопија и други региони поттикна милиони во земјата да побегнат. Бунтовите во Сахел предизвикаа ново внатрешно раселување, особено во Буркина Фасо и Чад.
Брзината и обемот на раселувањa сè уште ги надминуваат достапните решенија за раселените лица – како што е враќањето во својата земја, преселувањето во трета земја или локалната интеграција, наведува УНХЦР.
Сепак, Извештајот за глобалните трендови содржи и зраци надеж.
„Бројот на враќања на бегалци и внатрешно раселени лица се зголемил во 2021 година, со тоа враќајќи се на состојбата пред КОВИД-19, при што доброволните враќања пораснале за 71 отсто, иако бројките остануваат скромни“, појаснуваат од УНХЦР.
Намалување на бездржавјанството
Иако проценката за бројот на лица без државјанство малку порасна во 2021 година, околу 81.200 лица добија или им беше утврдено државјанството – што е најголемо намалување на бездржавјанството од почетокот на кампањата на УНХЦР IBelong (Јас припаѓам) во 2014 година.