Универзитетите во Сирија, кои беа затворени од 8 декември поради неизвесноста по падот на режимот на Башар ал-Асад, од денес се отворени повторно.
По прекинувањето на образованието на две недели, универзитетите останаа затворени и поради божиќните и новогодишните празници.
По пауза од околу еден месец, образовните активности продолжија, при што многу студенти се вратија во кампусот за да ги полагаат завршните испити.
Студентите и професорите, возбудени што ќе се вратат на универзитетите, за Анадолу ги споделија своите искуства и емоции за неодамнешните случувања во Сирија.
„Нова ера на слобода и изразување“
Професорката Рим ал-Зоаили изрази радост и олеснување по падот на режимот.
„Под режимот на Асад, на луѓето не им беше дозволено да прават било што, ниту да зборуваат за било што, дури и за политички теми. Сега, луѓето се слободни да зборуваат и да постапуваат како што сакаат - се чувствуваат како да се ослободени од затвор“, рече таа.
„Чувствувам дека студентите сега се поотворени. Тие учествуваат во темите, даваат свое мислење“, нагласи таа.
Зохаили раскажа за угнетувачката средина за време на режимот, каде што дискусијата за политички прашања често доведувала до затвор.
Таа откри дека некои ученици биле избркани и затворени во 2014 и 2015 година поради критикување на режимот, а многумина ги загубиле животите во бомбашки напади насочени кон училиштата.
„Никој не очекуваше пад на режимот“
Џоуман Мсути, професорка по англиски јазик на Вишиот институт за јазици и дипломец на Универзитетот во Дамаск, рече дека падот на режимот бил шок за многумина.
„Се случи нешто што никој не мислеше дека е можно - режимот падна. Никој не можеше да го замисли тоа“, рече таа.
Мсути изрази оптимизам за иднината на Сирија, наведувајќи дека иако за воспоставување на нов систем ќе биде потребно време, дошла можноста да се изгради мирна, обединета земја. Таа, исто така, ги повика Сиријците во странство да се вратат и да помогнат во процесот на обнова.
Таа се обрати и на западните земји на кои им порача дека тие не се терористи.
„Ние сме нормални луѓе, кои сакаат да ги живеат своите животи“, порача Мсути.
Таа укажа и на потребата за основните услуги и модерни универзитети, критикувајќи ја дехуманизацијата на источните народи, посебно во судирите како оној во Газа.
Луѓето се посреќни сега
Лана Шанејс, студент по стоматологија во втора година на Универзитетот во Дамаск, рече дека животот е подобрен по падот на режимот на партијата Баас.
„Луѓето се посреќни. Многумина се ослободени од затворите, што е добра работа бидејќи многумина беа затворени само поради нивните идеи“, рече таа.
Изрази поддршка за новата администрација, истакнувајќи ги нејзините напори за осигурување на јавната безбедност. Шанејс ја истакна важноста од подобро образование и капацитети за Сиријците.
Сулејман Селум, друг студент по стоматологија од втора година, укажа на важноста од обновата на Сирија како обединета нација.
„Мораме да изградиме слободна Сирија без страв и двоумење“, рече тој, повикувајќи на почитување на правата на малцинствата и единство меѓу сите Сиријци.
Селум ја изрази својата посветеност да остане во Сирија за да ѝ служи на својата земја.
„Не планирам да одам во странство, сакам да останам овде и да помогнам“, истакна тој.