Јужнокорејската полиција во четвртокот изврши претреси на неколку места и спроведува операции за пребарување и заплена како дел од истрагата за смртоносната воздушна несреќа во неделата, во која загинаа 179 лица.
Полициските тимови извршија рација во канцелариите во главниот град Сеул, меѓународниот аеродром Муан, 288 километри југозападно од главниот град, канцеларијата на „Џеџу Ер“ и други локации.
Налози за претрес беа издадени по смртоносната воздушна несреќа во неделата во која учествуваше авионот Боинг 737-800 на Џеџу Ер кој полета од Тајланд и се урна при слетување на меѓународниот аеродром Муан, лоциран во близина на познато живеалиште на птици преселници во провинцијата Јужна Џеола.
Само две стјуардеси се спасени живи од опашката на авионот, кој се запали по ударот во ѕид.
Полицијата поднесе пријава за професионално невнимание со последица смрт.
Инспекторите од Јужна Кореја, САД, како и од Боинг ја бараат причината за авионската несреќа.
Пилотот на паднатиот авион, наводно, рекол дека авионот бил удрен од птица, но сè уште не е утврдена дефинитивна причина.
Според податоците, авионот извршил 13 летови во рок од 48 часа пред трагедијата, а сите три тркала за слетување не функционирале во неделата.
Откако направил круг над аеродромот, авионот стомачно слетал на аеродромот, се излизгал од пистата, удрил во ѕид и експлодирал во пламен.
Инспекторите го истражуваат значењето на ѕидот на крајот од пистата на аеродромот кој беше затворен до 7 јануари.
Снимачот на летот, односно „црната кутија“ на авионот е оштетен и властите работат на негово испраќање во САД на дешифрирање.
Јужна Кореја прогласи седумдневна национална жалост поради трагедијата, која беше најсмртоносната несреќа во последните три децении, а властите ги идентификуваа сите жртви и нивните останки им беа дадени на нивните семејства.
Две од жртвите се тајландски државјани.