Европскиот комесар за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, имаше видео-обраќање на вториот Економски форум во Скопје          Фото: АА

Европскиот комесар за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, имаше видео-обраќање на вториот Економски форум во Скопје, во организација на Економскиот форум Делфи и Грчката бизнис асоцијација.

Вархеји говореше на панел сесијата насловена „Продолжение на Самитот во Тирана: Пристапувањето на Балканот во Европската Унија“, при што рече дека Западниот Балкан може да смета на посветеноста и поддршката од Европската Унија.

Потсетувајќи дека за време на последниот самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана бил усвоен пакет за енергетска поддршка од 1 милијарда евра, Вархеји рече дека веќе се исплатени половина од средствата за да се ублажи влијанието на високите цени на енергијата.

Тој истакна дека се достапни и дополнителни средства за поддршка на диверзификацијата на енергетските извори далеку од Русија, фокусирани на електрични и гасни интерконектори кон алтернативни снабдувања, како и нов терминал за ТПГ на Јадранското Море.

„Овие инвестиции ќе донесат повеќе енергија, посигурна и позелена енергија на Западен Балкан и ќе имаат потенцијал да го претворат Западен Балкан во нова енергетска влезна точка за Европа. Ние, исто така, поддржуваме проекти за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност“, рече Вархеји.

Тој, исто така, истакна дека во рамки на Економскиот и инвестициски план се одобрени 40 проекти во вредност од 1,8 милијарди евра грантови од ЕУ.

„Изградбата на заеднички регионален пазар е од суштинско значење за да се ослободи целосниот потенцијал на Економскиот и инвестицискиот план.

Градиме зелени ленти не само меѓу земјите, туку и меѓу нашите региони: Европската Унија и Западен Балкан. На самитот на Берлинскиот процес минатата година видовме значителен напредок на Заедничкиот регионален пазар, каде лидерите од Западен Балкан потпишаа три договори за мобилност“, рече Вархеји.

Освен Оливер Вархеји, на панелот свои говори имаа и вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, заменик-министерот за надворешни работи на Чешката Република, Мартин Дворак, како и Давид Гир, амбасадорот на ЕУ во Скопје.

На вториот Економски форум во Скопје учествуваат високи претставници од политиката, економијата, бизнис секторот и технологијата од земјата и регионот.

За време на форумот се одржуваат серија панели, на кои ќе се зборува за руската агресија врз Украина, пристапувањето на Балканот во ЕУ, енергетската перспектива во регионот, инвестициите во инфраструктурата, како и за стратегиите за економски развој и дигиталната трансформација.

AA
Популарни