Синдикатите сметаат дека е потребно повеќе од било кога да се земат предвид температурите на кои работат работниците за да се избегнат трагедии     Фото: Ројтерс

Градежни работници во полна работна облека качени на висококатници во изградба, работници покрај жешкиот асфалт вклучени во изградба на патишта, сезонски земјоделски работници кои се препотуваат под фолиите, некои се принудени да работат во магацини кои не се климатизирани… Ваква е сликата за голем број дејности кои поради топлотниот бран што ја зафати Европа секојдневно го ризикуваат животот работејќи ја својата работа. Изминативе денови во Европа се случија неколку трагедии кои го потврдуваат ова.

Во Шпанија работник на педесетина години почина откако доживеа топлотен удар додека работел во магацин во предградието на Мадрид. Според спасувачките служби, температурата измерена на неговото тело била 42,9 степени.

Шеесетгодишен маж, кого еден месец го ангажирала компанија задолжена за одржување на патишта, исто така почина минатиот викенд во Мадрид извршувајќи ги работните обврски. Додека друг на 58 годишна возраст бил хоспитализиран бидејќи не се чувствувал добро.

Во Италија починаа двајца земјоделски работници на возраст од 20 и 58 години. Работеле на температури повисоки од 40 степени. Тие два случаи довеле до расправа во Италија за работата на високи температури и тоа една година по смртта 27 годишен сезонски работник од Мали. Тоа беше причината поради која неколку региони одлучија да забранат работа за време на најголемите жештини.

Како да се избегнат трагедиите?

Синдикатите сметаат дека е потребно повеќе од било кога да се земат предвид температурите на кои работат работниците за да се избегнат трагедии. Особено бидејќи метеоролозите предвидуваат дека топлотните бранови може да се појавуваат почесто до 2050 година.

„Во Европа треба да има пропишани максимални температури на кои може да се работи”, е ставот на Европската конфедерација на синдикати објавен на Твитер.

Овој пристап го брани и Европскиот синдикален институт, истражувачки центар во Брисел кој повика да се размисли за тоа термичкиот стрес поврзан со метеоролошките услови да се прогласи за професионален ризик.

TRT Balkan
HINA
Популарни