Уривањето на дел од автопатот во кинеската провинција Гуангдонг, на југот на земјата, предизвика пад на повеќе од 20 возила, при што загинаа 36 лица, објавија во четвртокот државните медиуми.
Сите повредени се пренесени во болница и се во стабилна состојба, се наведува.
Уривањето, предизвикано од силен дожд, се случило во средата два часа по полноќ на автопатот Меиџоу-Дабу, објави новинската агенција Ксинхуа, додавајќи дека урнатиот дел бил долг 17,9 метри и предизвикал пад на 23 возила.
Меиџоу е една од областите во Гуангдонг во јужна Кина, која е силно погодена од силен дожд и град од крајот на април, што доведе до опасни лизгања на земјиштето, поплавени куќи и уништени мостови.
Очевидци изјавија за локалните медиуми дека слушнале силна бучава и виделе дупка широка неколку метри отворена зад нив, откако поминале дел од патот кој се урнал.
Снимките од воздух покажаа дека едната страна од автопатот се урнала, поради што возилата слетале по падината.
Истиот извор наведува дека во несреќата немало големи возила, ниту пак оние кои превезувале опасни хемикалии.
Околу 30 лица се повредени и во несреќата што се случи во средата наутро во градот Мејџоу, јави новинската агенција Ксинхуа со седиште во Пекинг.