Масовните потраги продолжуваат и четири дена по земјотресот

15:40 Жена спасена од под урнатините 107 часа по земјотресите во Туркије

Уште една жена е спасена од под урнатините на зграда во турскиот град Низип, во областа Газиантеп, 107 часа по разорните земјотреси кои во понеделникот ги потресоа јужните делови на Туркије.

Припадници на спасувачкиот тим денеска слушнале гласови од урнатините на шесткатница во Газиантеп и по опсежна акција, на крајот успеале жива да извлечат една жена.

Жената која се здобила со повреди во земјотресот, префрлена е во болница.

Уште две лица, од кои едно дете, спасени се од истата урнатина два часа претходно.

Два разорни земјотреси со интензитет од 7,7 и 7,6 степени по Рихтер, во понеделникот ги потресоа јужните делови на Туркије со епицентар во Кахраманмараш, а бројни спасувачки екипи и понатаму посветено работат на акциите за претрага и спасување на луѓето заробени под урнатините на зградите.

15:15 Ердоган во Малатија: Во спасувачките акции учествуваат 141.000 луѓе

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека 19.388 луѓе ги загубија животите во 10 погодени провинции, а 77.711 се повредени. Тој додаде дека повеќе од 141.000 луѓе се вклучени во операциите за спасување и пребарување, вклучително и оние од други земји

15:15 14 камиони со помош од Обединетите нации преку Туркије влегоа во северозападна Сирија

Четиринаесет камиони со хуманитарна помош на Обединетите нации (ОН) влегоа во северозападна Сирија денеска преку Туркије, откако во понеделникот регионот беше погоден од разорни земјотреси.

„Камионите влегоа во Идлиб преку граничниот премин „Џилвеѓозу“ во јужната турска област Хатај и сирискиот премин „Баб ал Хава“, јави дописникот на Анадолу од терен.

Испратена како дел од хуманитарните активности за прекугранична помош на ОН, помошта ќе биде доставена до луѓето на кои им е потребна во регионот.

Шест камиони вчера пристигнаа во Идлиб, кој е тешко погоден од силните земјотреси со епицентар во јужна Туркије.

Активностите на ОН во Сирија траат од 2014 година, за кои турскиот граничен премин „Џилвеѓозу“ служи како единствена врата за доставување на помошта на ОН.

13:25 Ердоган: Бројот на жртвите од силните земјотреси во понеделникот во јужна Туркије се искачи на 18.991

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека според најновите податоци 18.991 ги загубија животите во 10 погодени провинции по катастрофалните земјотреси во Туркије. Истовремено, од погодените области евакуирани се 75.523 жители, а вкупно 6.444 објекти се урнати. Турскиот претседател Ердоган вети дека ќе го обнови јужниот регион погоден од земјотресот како дел од едногодишниот план.

13:20 Бројот на загинати во разорните земјотреси во Сирија се искачи на 3.384

Најмалку 3.384 луѓе загинаа, а илјадници се повредени во Сирија поради серијата силни земјотреси со епицентар во јужна Туркије, кои во понеделникот го погодија поширокиот регион, покажуваат бројките собрани во четвртокот.

Најмалку 2.037 луѓе загинаа, а повеќе од 2.950 други се повредени во областите контролирани од опозицијата во северозападна Сирија, според бројките собрани од Сириската мрежа за човекови права, Сириската цивилна одбрана и други локални извори.

Министерството за здравство на сирискиот режим извести за најмалку 1.347 жртви во провинциите Алепо, Латакија, Хама и Тартус, со уште 2.295 повредени, со што вкупниот број на повредени е над 5.200.

Голем број згради се уништени или оштетени во областите под контрола на опозицијата во северна Сирија, каде спасувачките тимови френетично трагаат по преживеани.

12:40 Турскиот министер за надворешни работи и шефот за помош на ОН разговараа за ситуацијата по земјотресот

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу се состана со шефот за помош на ОН Мартин Грифитс за да разговара за ситуацијата во јужниот регион на Туркије погоден од земјотресот.

На состанокот во главниот град Анкара, Чавушоглу и Грифитс, генералниот потсекретар за хуманитарни прашања и координатор за итна помош, разменија мислења за активностите на ОН и нивните агенции во зоните на катастрофата.

Чавушоглу одвоено имал телефонски разговори со неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов и туркменскиот министер за надворешни работи Рашид Мередов, според турски дипломатски извори.

12:15 Tурскиот претседател продолжува со посетата на областите погодени од земјотресот

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска продолжува со посетите на јужниот дел на земјата погоден од земјотресот.

Најмалку 18.342 лица загинаа, а 74.242 се повредени во двата силни земјотреси што во понеделникот го потресоа регионот.Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени, со епицентар во турската област Кахраманмараш, зафатија 10 области - Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа - населени со 13 милиони луѓе.Неколку земји во регионот, од кои најкатастрофално Сирија, ги почувствуваа земјотресите што ја погодија Туркије во период од помалку од 10 часа.

10:20 Две сестри спасени од под урнатините 101 час по земјотресите во Туркије

Две сестри се спасени од под урнатините во турскиот град Кахраманмараш, дури 101 час по разорните земјотреси окарактеризирани како „катастрофа на столетието“.

Припадници на Противпожарната единица од Анталија, утрово успеаја од под урнатините да ја спасат 15-годишната Ајфер, а потоа и нејзината 13-годишна сестра Фатма, кои биле заглавени под урнатините повеќе од четири дена.Пожарникарите ископале долг канал длабоко под урнатините за да ги спасат девојчињата.

Додека траела акцијата на спасување, во еден момент Ајфер од пожарникарите побарала да ѝ ја пуштат нејзината омилена песна, што тие и го сториле, пронаоѓајќи ја песната на мобилен телефон.Акцијата на спасување на сестрите траела околу 10 часа.

08:40 Земјотресот во турски Кахраманмараш најголем во последните 100 години

Регионот меѓу Туркије и Сирија не бил сведок на толку голем земјотрес како оној што се случи оваа недела во турската провинција Кахраманмараш и тоа во период повеќе од 100 години, изјави директорот на швајцарската сеизмолошка служба.

Штефан Вимер зборуваше за швајцарскиот телевизиски канал SRF, кој се емитува на германски јазик, за земјотресите од понеделникот со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала кои погодија 10 провинции во јужна Туркије.

08:00 Над 18.000 загинати во силните земјотреси во јужна Туркије

Најмалку 18.342 лица загинаа, а 74.242 други се повредени во двата силни земјотреси што во понеделникот ја погодија јужна Туркије, соопшти во петокот Агенцијата за катастрофи на земјата.

Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени, со епицентар во провинцијата Кахраманмараш, погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 10 провинции, вклучувајќи ги Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа.

Неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Сирија и Либан, исто така ги почувствуваа силните потреси што ја погодија Туркије во период помал од 10 часа.

Според Претседателството за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) во моментов работат на терен повеќе од 121.128 лица за пребарување и спасување.

TRT Balkan
Популарни