Вработените во Гугл работеле да обезбедат израелската војска да има пристап до најновата технологија за вештачка интелигенција на компанијата уште од првите недели на израелскиот геноцид во Газа, открива „Вашингтон пост“.
Според веста што ја објави весникот „Вашингтон пост“ во САД, по протестите на вработените во компанијата заради договорот со израелската Влада за пристапот до услуги од компјутерскиот облак Нимбус, иако Гугл пред јавноста се обиде да се огради од израелскиот апарат за национална безбедност, компанијата продолжи да обезбедува директна помош за израелското Министерство за одбрана и израелската војска.
Според внатрешните документи на компанијата до кои дојде весникот, Гугл за да може да се натпреварува со Амазон, ги исполни барањата на израелската Армија за поголем пристап до неговите алатки за вештачка интелигенција уште од првите недели на израелската офанзива врз Газа, која започна на 7 октомври 2023 година.
Документите ги покажуваат итните барања на израелското Министерство за одбрана да ја прошири употребата на услугата на Гугл наречена Вертекс. Вертекс им овозможува на клиентите на Гугл да применуваат алгоритми за вештачка интелигенција врз сопствените податоци. Според документите, во деновите по 7 октомври 2023 година, вработен во Гугл во одделот за облак ги забрзал барањата на израелското Министерство за одбрана за поголем пристап до технологијата за вештачка интелигенција на компанијата.
Според документите кои ја содржат внатрешната преписка во компанијата, се забележува дека вработен во Гугл предупредил дека доколку компанијата брзо не обезбеди поголем пристап, израелската војска ќе се сврти кон конкурентот Амазон, кој исто така, работи со израелската Влада во рамките на договорот Нимбус.
Друг документ од ноември 2023 година покажува дека вработен во Гугл му се заблагодарува на колега што помогнал да се исполни барањето од израелското Министерство за одбрана. Ова е показател дека ова барање е исполнето.
Покрај тоа, во интерните документи на компанијата од пролетта и летото 2024 година, може да се увиди дека вработените во Гугл побарале дополнителен пристап за израелската војска до технологијата за вештачка интелигенција.
Сепак, весникот објави дека добиените документи не содржат информации за тоа како точно израелското Министерство за одбрана планира да ја користи технологијата за вештачка интелигенција на Гугл или како таа ќе придонесе за операциите на Армијата.
Израел до неодамна ја користеше вештачката интелигенција на Гугл
Документите, исто така, покажуваат дека дури и во ноември 2024 година, по една година како Израел разори големи делови од Газа, израелската војска сè уште бара врвна технологија за вештачка интелигенција од Гугл. Документите од тој временски период покажуваат дека вработен во компанијата побарал пристап до технологијата за вештачка интелигенција Џемини на Гугл за потребите на израелската војска, која сакала да развие свој асистент за вештачка интелигенција за обработка на текст и глас.
Според написот на израелскиот медиум „People and Computers“, Габи Портној, генерален директор на Националниот кибердиректорат на израелската Влада, на конференцијата за медиуми на почетокот од минатата година изјави дека договорот Нимбус директно им помага на апликациите за војување.
Гугл, заедно со Амазон, од 2021 година е важен изведувач на работите за израелската Влада, која ги избра за надградби на мултимилијардерскиот договор за компјутерски облак Нимбус.
Според договорот, ривалските компании основаа центри за податоци во Израел и се согласија да обезбедат облак-софтвер и простор за складирање на податоци за владините агенции.