Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во средата се обрати на дебатата на 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации       Фото: Ројтерс

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во средата се обрати на дебатата на 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, критикувајќи ги светските лидери дека „никого не слушаат“ и гледаат само на сопствените интереси.

„Сериозноста на моментот во кој се наоѓаме ме обврзува да споделам тешки зборови со вас, но вистинити. Сето ова што го правиме денес изгледа импотентно и бледо. Реалноста е дека овде никој навистина никого не слуша, никој не се стреми кон вистински договори и решавање проблеми и речиси сите се грижат само за задоволување на сопствените интереси, честопати газејќи ги во процесот основните принципи на меѓународното право, фрлајќи им ги под нозе Повелбата на ОН и другите документи на кои се заснова оваа организација“, рече Вучиќ.

Како што рече, не се виновни ОН, туку оние сили кои не земаат во предвид ништо освен „задоволување на сопствените политички, економски и, за жал, воени цели“.

Тој рече дека, без разлика што Србија „ги чувствува последиците од грубото кршење на основните одредби на меѓународното јавно право, нема да се откаже од основните принципи на Обединетите нации“.

„Ние ќе продолжиме да се залагаме за доследно почитување на принципот на неповредливост на границите, почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите други земји членки на Обединетите нации. И покрај нашата позиција, многумина во оваа сала се уште имаат проблем со почитувањето на територијалниот интегритет на Србија. Се прашувате зошто? Затоа што тие ја имаат моќта, а ние сме мали и слаби во нивните очи. Сепак, како што можевте да слушнете, сè уште имаме сила да ја претставиме вистината на ова место“, истакна Вучиќ.

Тој додаде дека Балканот не може да поднесе уште една војна и се надева дека ќе има добра волја и разбирање од сите земји во овој напор.

TRT Balkan / агенции
Популарни