Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, кој е во работна посета на Република Азербејџан, денеска во Баку се состана со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев. По состанокот, Вучиќ му се заблагодари на Алиев за неговото прекрасно гостопримство, а на народот на Азербејџан за искреното пријателство кон Србија.
„Секогаш кога доаѓам во Баку, гледам огромен и неверојатен напредок, што е показател за силата на раководството, визијата на претседателот Алиев, како и на домаќинското водење на земјата, со многу љубов. Тоа нас, како искрени пријатели на Азербејџан, нѐ прави многу среќни“, објави Вучиќ на Инстаграм.
Тој се сретна со министерот за одбранбена индустрија на Република Азербејџан, Мадат Гулиев, при што се разговараше за воената индустрија и зајакнувањето на соработката меѓу двете земји во таа област.
На средбата присуствуваа и помошникот на министерот за одбрана за материјални ресурси на Србија, Ненад Милорадовиќ, српскиот амбасадор во Азербејџан, Драган Владисављевиќ и делегација на српската одбранбена индустрија.
„Многу важна посета на Азербејџан, со кој имаме вистински пријателски односи. Ја почитуваме работата на претседателот Алиев со години. Дојдовме со силен тим и штотуку почнавме да разговараме за најважните работи од воената индустрија и трансферот на технологии“, изјави Вучиќ.
Претседателот на Србија го посети Центарот „Хејдар Алиев“ со министерот за труд и социјална заштита на Република Азербејџан, Сахил Бабаев.
„Величествениот центар „Хејдар Алиев“ ме импресионира секогаш кога ќе го посетам. Духот на големиот лидер и државник, кој ја водеше својата земја на патот на просперитетот и напредокот, е видлив во секој агол на оваа реномирана институција и ги охрабрува новите генерации да продолжат по истиот пат“, изјави Вучиќ по посетата.