Бројот на загинатите во рускиот воздушен напад на Запорожје се зголеми на десет, а 41 лице е повредено, објави Државната служба за вонредни состојби на Телеграм.
„Вчера, 7 ноември, непријателот изврши пет воздушни напади врз градот. Досега загинаа 10 лица од кои едно дете. Повредени се 41 лице, меѓу кои четири деца“, се наведува во соопштението.
Итните служби спасија три лица, меѓу кои две деца, а спасувачките операции се во тек.
Како што објави Укринформ, руските војници го погодија Запорожје со наведувани воздушни бомби во четвртокот, а беа оштетени болница, станбени згради и инфраструктура.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски на својот профил на социјалната мрежа X изјави дека руската армија извршила ракетен напад врз украинскиот град Запорожје.
Информирајќи дека цел на нападот биле куќи и згради во кои живееле цивили, Зеленски рече:
„Оштетена е зградата на онколошката болница. Тимовите за пребарување и спасување бараат луѓе под урнатините“.
Зеленски тврди дека таквите напади ја „уништуваат“ можноста за преговори со Русија.
Потенцирајќи ја потребата да се спречат руските напади, Зеленски нагласи дека за ова треба да се зголеми способноста на Украина да изведува напади со оружје со долг дострел.
Во Запорожје за денеска е прогласен ден на жалост.