Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес рече дека Европа, која го поддржува Киев во воениот конфликт со Москва, „паѓа надолу со Украина врзана за нејзините нозе“.
Во коментар на Телеграм, Захарова го цитираше претседателот на Украина, Владимир Зеленски, кој „се пожали дека темпото на санкции во Европа е намалено, и дека Русија сега побрзо се адаптира на ограничувањата“, истакнувајќи дека рестриктивните мерки довеле до развој на Русија.
„Да не беа санкциите од 2014 година наваму, одамна ќе бевме отруени со задушувачкиот комфор и парите од нафтата, „елитата“ наметната од Западот во 1990-тите немаше да ни дозволи да се развиваме.“
„Паѓајќи во рецесија, Западна Европа, која одамна ја изгуби вештината да преживее, оди кон дното, со Украина врзана за нејзините нозе“, напиша таа.
Захарова додаде дека „во средината на 20. век, Западна Европа беше спасена од самата себе од страна на советскиот народ“, мислејќи на Втората светска војна, кога Германија ја започна војната против остатокот од Европа.
Таа истакна дека сега „потребно е по вторпат да се размисли“ за повторно да се спаси Европа од себеси.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека германските тенкови повторно ѝ се закануваат на Русија, само 80 години по крајот на Втората светска војна, мислејќи на германската одлука за испраќање на своите тенкови Леопард 2 во Украина.