Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска изјави дека ја разбира потребата да се стави крај на војната што е можно поскоро.
„Мислам дека сите разбираме дека мораме да ја завршиме војната што е можно поскоро, се разбира“, рече тој на средбата во Киев со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.
Зеленски, исто така, ја оцени посетата на Паролин на Киев како силен сигнал од Ватикан.
На Телеграм Зеленски објави дека мировните прашања биле централни на средбата со Паролин.
Меѓународните напори се насочени и кон изнаоѓање решение за конфликтот.
Конференцијата за Украина од 15 до 16 јуни во Бургенсток, Швајцарија, се одржа без учество на Русија.
На конференцијата во Швајцарија присуствуваа претставници од 92 нации и 8 меѓународни организации. Заврши со усвојување на завршната изјава, која не беше потпишана од некои земји, меѓу кои Бразил, Индија, Јужна Африка и Саудиска Арабија.
Коминикето опфати три прашања: извозот на жито од Украина, безбедноста на нуклеарните централи и враќањето на воените затвореници.
Еден ден пред самитот, рускиот претседател Владимир Путин ја придвижи сопствената мировна иницијатива, повикувајќи ја Украина да ги признае територијалните претензии на Русија изнесени за време на „специјалната воена операција“ која започна во февруари 2022 година.