Украинскиот претседател Владимир Зеленски ја повика Европската Унија (ЕУ) да ја забрза испораката на системи за противвоздушна одбрана, истакнувајќи дека речиси една третина од електраните во земјата се уништени од руските напади.
Во видеообраќањето на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел, Зеленски зборуваше за најновите случувања во Украина против која Русија започна војна и повтори дека заштитата на земјата, значи заштита на Европа.
Истакнувајќи дека Русија ја користи енергијата како оружје против Европа, тој изјави дека е можно да се постигне енергетска независност на ЕУ.
„Европските складишта за гас се полнат, а на континентот се обезбедуваат алтернативни залихи“, изјави Зеленски.
Осврнувајќи се на неодамнешните руски напади низ целата земја, украинскиот лидер рече дека тие биле намерно започнати за да се спречи Украина да извезува енергија во ЕУ.
„Нападите на руските крстосувачки ракети и беспилотните летала (UAV) од иранско производство уништија повеќе од една третина од енергетската инфраструктура на земјата“, нагласи украинскиот лидер.
Повторувајќи ја потребата од повеќе системи за противвоздушна одбрана за да се спротивстават на руските напади, тој побара од европските лидери да го забрзаат спроведувањето на резолуциите во овој поглед.