Италијанскиот премиер Марио Драги најави оставка откако една од партиите во неговата влада на национално единство одби да го поддржи во гласањето за доверба на контроверзниот закон за трошоците на живот.
Тој потег ја доведе Италија, која се бори со опоравување од економскиот удар како последица на пандемијата, во неизвесност, бидејќи отвора можност за предвремени избори.
„Парламентарното мнозинство кое ја поддржува владата повеќе не постои“, рече Драги во четвртокот, на 14 јули.
Претседателот Серџо Матарела не ја прифати оставката на премиерот и го замоли следната среда да се обрати во Парламентот. Можно е, велат аналитичарите, по неговиот говор да дојде до гласање за доверба.
Неговата оставка би можела да подготви терен за предвремени избори, кои би можеле да се одржат веќе во октомври. Следните избори се закажани за пролетта 2023 година.
Премиерот пријател на ЕУ
Поранешниот шеф на Европската централна банка Матарела го одбра да ја води владата на национално единство во февруари 2021 година, со задача да ја води Италија на патот на економското опоравување по кризата од Ковид-19. Спроведе низа реформи во замена за средствата на ЕУ за опоравување од пандемијата.
Партиите, од Демократската партија на левиот центар до крајната десна Лига, застанаа зад тогашниот нов премиер, како и повеќето италијански медиуми и меѓународниот печат.
Финансиските пазари го видоа како чувар на стабилноста и ја вратија довербата во економијата на земјата и покрај растечкиот јавен долг, кој до тогаш достигна повеќе од 150 отсто од Бруто домашниот производ (БДП).
Но трошоците на задолжување на Италија сепак растеа во текот на 17-месечниот мандат на Драги.
„Ова покажува дека не сум заштитен од сè. Јас сум човечко битие и таквите работи се случуваат“, рече Драги неодамна пред новинарите.
Неодамнешните политички немири извршија притисок на италијанскиот пазар на акции.
Постои страв дека италијанскиот долг, кој изнесува 2,5 милијарди евра, е преголем за спасување и дека неисполнувањето на обврските би можело да ја повлече целата еврозона надолу.
Јавниот долг на земјите од еврозоната порасна во текот на пандемијата, а руско-украинската криза доведе до нови економски проблеми поради потпирањето на ЕУ на рускиот гас и обидите на Москва да го искористи како полуга против блокот, како одговор на санкциите воведени поради војната во Украина.
Италија се потпира на Русија за 40 отсто од гасот што го користи. Високите трошоци на енергијата доведоа до инфлација, што предизвика криза на трошоците за живот во целиот блок.
Крајната десница би можела да ја искористи кризата
Одлуката на Драги следуваше откако Движењето на пет ѕвезди (M5S), партија која ја предводи поранешниот премиер Џузепе Конте, го бојкотираше гласањето за законот за трошоците за живот во износ од 26 милијарди евра, тврдејќи дека недостасуваат средства за тешко погодените домаќинства и компании од инфлацијата и високите трошоци за енергија.
Ако Драги не наиде на разбирање со M5S, една од можните сценарија е реконструкција на владата која ќе доведе до исклучување на движењето од владејачката коалиција. Ризикот од предвремени избори би останал бидејќи, поради тоа, владата би била во послаба позиција.
Ако Драги се повлече, новиот премиер би можел да добие задача да формира нова влада на единство, чија главна цел би била испорака на следен план на буџет на Италија до крајот на декември, со веројатно одржување на предвремени избори.
Анкетите покажуваат дека десничарската коалиција би можела да победи на предвремните избори, кои би се одржале наесен.
Италијанската крајно-десничарска, национално-конзервативна Браќа на Италија, партија со неофашистичко потекло, оствари огромен успех на локалните избори одржани ѐширум земјата во јуни, појавувајќи се како најсилна партија во коалицијата која ја вклучува Лигата на Матео Салвини и партијата на Берлускони, Форца Италија.
Тоа воглавно е поради минатогодишната одлука на партијата да остане надвор од владата на национално единство на Драги, за да стане главната опозициска партија. Лидерката на Партијата Џорџија Мелони би можела да стане првата премиерка на Италија, ако победи коалицијата.