Независен театар „Златен Елец“: Шанса за слободно творештво / Photo: TRT Balkan

Повеќе од 3 години трае успешната приказна на независниот театар „Златен Елец“, кој веќе храбро чекори низ културната сцена во Македонија.

Главните „виновници“ за создавање на независното театарско здружение се актерите Бобан Алексоски и Надица Петрова.

„Името театар „Златен Елец“ го извадивме од делото на Чехов, „Галеб“ каде Елец се споменува како провинциски град со провинциски театар за глумци кои немаат шанса да завршат и играат во Москва“, изјави Бобан Алексоски за ТРТ Балкан.

Независен театар „Златен Елец“: Шанса за слободно творештво TRT Balkan

Според него борбата на младите актери да создадат простор каде што ќе можат да се докажат била главната причина за формирање на овој посебен театарски дух.

„Да се води независен театар потребно е многу љубов, внимание и посветеност. Да се организира претстава е голем предизвик бидејќи целата работа ја извршуваат еден до двајца луѓе додека пак во државните театри за таа иста работа има вработено повеќе луѓе“, додава Алексоски.

Независниот театар покрај тоа што ја претставува борбата на актерите, ја претставува и нивната слобода во начинот на кој ги играат претставите.

„Целта на независниот театар е да не се чека на државата туку едноставно да се работи профисијата по било која цена без да бараме врски или да се бориме за во државен театар. Независниот театар дава шанса за да работиш слободно едноставно“, изјави Тамара Стојаноска режисерка во „Златен Елец“.

Според неа најголем предизвик за еден независен театар е да се најде простор за работа и да се обезбедат финансии за да се исплатат сите вклучени во една претстава.

„Најчесто се финансираме од програмата за други корисници кои што добиваат пари како физички лица но тоа се многу мали пари, успеваме да заработиме од билети но тоа е сето она што ние го имаме како буџет и тоа на крај кога ќе го поделиш на цела екипа останува многу малку“, изјави Бобан Алексоски за ТРТ Балкан.

„Пробите ги одржуваме на сцени насекаде каде што можеме да се снајдеме. Јас ова од љубов го работам мислам дека нема цена за мене ама за многу други луѓе што активно го работат само ова сигурно им е тешко да преживеат месец“, изјави актерката Тијана Трајчевска за ТРТ Балкан.

Независниот театар иако нема своја зграда, сепак досега има организирно повеќе од 12 претстави на различни локации низ земјава.

„Златен Елец“ е добитник на многу награди меѓу кои и театарската награда „БИШ“ за Најдобра независна театарска продукција.

TRT Balkan
Популарни