Низа настани во чест на роденденот на Тоше Проески во Крушево /      Фото: ТРТ Балкан / Андреј Златаноски

Бројни фанови и поддржувачи на Тодор „Тоше“ Проески од земјава и странство го посетија неговото вечно почивалиште на Гумење, а го посетија и Спомен домот „Тодор Проески“ каде се наоѓаат неговите лични работи.

Од 9 до 16 часот во Спомен домот се одржа традиционалната крводарителска акција, а во 11:15 часот, во времето кога Тоше се родил, бројни делегации и фанови положија цвеќе на неговото вечно почивалиште на Гумење.

Во Крушево присуствуваше и министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој положи цвеќе на вечното почивалиште на Тоше и Спомен домот на Тоше.

„Oвој ден, 25 јануари, е ден на спомени и силни емоции, ден посветен на нашиот Тоше. Ќе остане да живее во нашите срца како голем човек, хуманист, заради музиката која извираше од неговата душа, а и поради мостовите меѓу луѓето кои со песна ги создаде. Тоше Проески не беше само музичар; тој е симбол на љубов, надеж и единство. Неговите песни се светлост во темнината, инспирација и за новите генерации. Денес, во неговото родно Крушево, го посетив семејство на Тоше и положив цвеќе на неговото вечно почивалиште“, објави Љутков на социјални мрежи.

Тој нагласи дека во Спомен-домот подигнат во негова чест, уште еднаш се евоцираат сеќавања за неговиот живот и дело.

„Како држава, ние сме посветени да ја негуваме и одржуваме почитта кон Тоше. Тоа е наша обврска и чест. Со одобрените средства од Владата за поддршка на проектите кои ќе го овековечат неговиот живот, ние потврдуваме дека Тоше Проески не е само минато, туку и иднина. Неговиот глас ќе продолжи да се слуша, неговата љубов да се шири, а неговиот спомен секогаш да живее. Тоше, ти си вечен. Твојата светлина никогаш нема да згасне, а твојата музика секогаш ќе биде дел од нас“, истакна Љутков.

Напладне во Спомен домот на Тоше, младите пејачи Нела Манческа, Дорис Димовска и бендот „Лок даун“ изведуваа негови песни, а настапи и вокалната формација „Оренда“ и вокалниот состав „Графити“ од Домот на културата „Напредок-1869“ од Горна Орјаховица, Бугарија, под раководство на Аделина Колева.

Во холот на Домот на АРМ во Скопје, се одржи крводарителска акција во спомен на хуманоста на Тоше Проески.

Како што посочуваат, на овие акции собрани се над 5.500 единици крв, што зборува за позитивниот пример на Тоше, запаметен како голем хуманист и крводарител.

Тоше Проески беше една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена, каде што е доживуван како македонски заштитен знак. Музичката кариера ја започнал со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997 година, каде што и победил изведувајќи ја песната Yesterday од Битлси.

Загинал на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа во Хрватска. Посмртно бил прогласен за заслужен македонски граѓанин. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, бил прогласен за Ден на национална жалост.

TRT Balkan
Популарни