Стрипот како уметнички формат на изразување кој ги спојува визуелните и литературните светови, повторно станува популарен кај младите на глобално ниво, но и во земјите во регионот. На светската мапа на стрип фестивали се најде и Скопје со првото издание на Стрип трип фестивалот, кој се одржа изминатиов викенд во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Презентации на најнови домашни и регионални стрип-изданија, гости автори и издавачи, изложба на реномирани стрип-цртачи, панел дискусии, работилница за цртање стрип за деца, филмска програма, берза на стрипови, но и богата музичка програма, беа дел од програмата на првото фестивалско издание.
Владимир Битољану од стрип книжарницата „Бункер“ од Скопје , организатор на овој фестивал, во пресрет на неговото одржување во медиумите најави богата и квалитетна фестивалска програма.
Тој смета дека стрипот, иако го читаат сите генерации, сепак е ументост која најлесно допира до младата генерација.
„Денеска младите имаат други приоритети. Стрипот е одамна признаен како деветта уметност во светски рамки. Сите големи светски метрополи имаат стрип фестивали, затоа ова е голема работа што и кај нас ова се случува за првпат“, изјави Битољану.
Стрипот како мост меѓу визуелните и наративните уметности
Во однос на придобивките од стрипот, Битољану, меѓу останатото, нагласи дека „стрипот е мост помеѓу визуелните и наративните уметности“, преку него младите стекнуваат навика за читање, а стрипот допира и до некои социјално ангажирани теми.

Што е „Стрип берза“?
Она што привлече особено внимание кај посетителите на стрип фестивалот е „Стрип берзата“.
Битољану, овој своевиден феномен го објасни како размена и продажба на стирпови на пријателска основа, нагласувајќи дека тоа е едно од облежјата што ги следи стрип фестивалите ширум светот.
Од МКЦ изразија уверување дека фестивалот ќе прерасне во долгогодишна традиција.
„Ги повикуваме сите издавачи, колекционери, стрипомани и стрип-љубители, и самите и нивните најмили да дојдат и заземат активно учество на првото премиерно издание на Стрип трип, кое искрено се надеваме ќе прерасне во богата и долгогодишна традиција, како што личи на еден сериозен, возобновен и етаблиран град“, соопшти МКЦ.
Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје.