Сликата на Марк Шагал, една од петнаесетте дела украдени од нацистите и вратена на наследниците, ќе биде понудена на аукција на 15 ноември во Њујорк, објави аукциската куќа Филипс.
Се проценува дека маслото на платно од 1911 година со наслов „Таткото“ би можело да се продаде за 6 до 8 милиони долари. Тоа платно било купено во 1928 година од полскиот Евреин, Дејвид Сендер, кој го загубил својот имот кога бил одведен во еврејското гето во Лоѓ.
Сендер, изработувач на виолини, бил депортиран во Аушвиц каде што биле убиени неговата сопруга и ќерка, но тој преживеал, се населил во Франција во 1958 година и умрел во 1966 година без да му биде вратена сликата на Шагал.
Во меѓувреме, сликата се појави на изложби и се чинеше дека Марк Шагал самиот ја купил, веројатно помеѓу 1947 и 1953 година, без да знае кој бил сопственикот, според аукциската куќа Филипс и француското Министерство за култура.
Откако Шагал умрел во Франција во 1985 година, „Таткото“ стана дел од националната колекција во 1988 година и беше доделен на имотот на музејот Помпиду и се чуваше во Музејот на уметност и историја на јудаизмот во Париз.
На почетокот на годината Франција едногласно донесе закон за враќање на петнаесетина дела на наследниците на семејствата ограбени од нацистите.
Наследниците на Дејвид Сендер одлучија да ја продадат сликата, вообичаено сценарио кога едно дело ќе се врати по толку долго време, според потпретседателот на Филипс, Џеремаја Евартс.
Шагал го насликал својот татко во 1911 година, една година по пристигнувањето во Париз. Тогаш бил „фасциниран од модернизмот“ на градот и неговите дела од тој период се ретки бидејќи уништил многу од нив кога го напуштил Париз и се вратил во Русија во 1914 година, објаснува Евартс.
Продажбата ќе се одржи на есенска аукција во Њујорк.
Аукциската куќа Филипс, со седиште во Њујорк, е во сопственост на руската група за дистрибуција на луксузни стоки Меркур, а групата ја осуди руската инвазија на Украина неколку дена откако таа започна кон крајот на февруари.