Неповторлива вокална интерпретација, извонредна музичка изведба и неверојатна емоција. Со овие епитети публиката го сублимираше концертот кој во саботата го одржа македонската и балканската поп-рок дива Калиопи во Скопје во саботата со кој го одбележа јубилејот 40 години постоење на музичката сцена.
Спектаклот започна со песната „Обои ме”, а потоа продолжи со „Не ми го земај времето”, „Илјада божји цветови“, „Најмила“, „Ако денот ми е ноќ“... , нејзини постари хитови со кои Калиопи ја освои музичката сцена во деведесеттите години. Потоа, дојде редот за најголемите хитови од поново време, од нејзинииот албум снимен за балканскиот пазар, „Мелем”.
„Драги мои, кога повеќе нема да ме има физички меѓу вас, ќе можете да ме пронајдете токму во песната што ќе ја испеам сега“, рече Калиопи пред да ја испее песната „Вучица“.
Како и што најави во пресрет на самото одбележување на јубилејот, гости на концертот беа Слаткаристика и Жељко Самарџиќ со кои неодамна сними дует песни („Казна” и „Знам”).
Вистинско изненадување за публиката беше кога заедно со Слаткар, Калиопи испеа дел од неговиот стар хит „Да полетам“.
По настапот на Самарџиќ, дојде редот за баладата „Не заборавај”, како и неколку песни од нејзини колеги и колешки. Публиката во преполната сала со неа ги отпеа во еден глас песните „Македонија“ и „Македонско девојче“.
Концертот продолжи со добро познатите хитови на Калиопи „Дали ме сакаш”, „Дај да пијам”, а кога започна да ја изведува песната „Месечина”, бројните фанови направија ѕвездено небо со мобилните телевои и заедно во еден глас ги пееја стиовите од таа музичка нумера.
За самиот крај на концертот, Калиопи го остави најдоброто. Двапати се врати на бис, и ги отпеа песните што веројатно оставија најголем печа во нејзината досегашна кариера, песната „Црно и бело”, што ја изведе на Евровизија во 2012 година, како и нејзината регионално најпозната песна „Роџени“, кои многумина ја викаат и „Бато“, а на сцената и се придружи и Ромео Грил.