„Статуа фест - Другото лице на улицата“

Статуи играа танго на улиците во Скопје. Фатени рака за рака и облечени во впечатливи бои, статуите го измамуваа погледот на минувачите низ центарот на македонската метропола. По некоја минута статуите „оживуваа“ пред очите на гледачите покажувајќи дека всушност станува збор за актери кои се дел од настанот „Статуа фест - Другото лице на улицата“, фестивал кој ја прикажува уличната уметност преку живите статуи.

„Статуа фест - Другото лице на улицата“     Фото: AA

Фестивалот ќе трае од 23 до 25 јуни, а тема на овогодинешното издание е „Танго на улица“.

Концептуално раскажување на приказните

Организаторите истакнаа дека фестивалот како и секоја претходна година концептуално раскажува приказни. Оваа година раскажува за тангото, како што велат тие „со намера да го претвори Скопје во една мала, но, сепак, голема уличка, сместена во некој раздвижен простор во длабочините на аргентинското танго, во обид да ги види и запознае оние скопјани кои со сиот свој дух лудуваат по тангото, придружени со разиграниот уличен миг на евергринот“.

„Статуа фест - Другото лице на улицата“     Фото: AA

Фестивалот се одржува во организација на „ТЕАТРОСК", театарска продукција која изведува уличен театар, улични промоции и настани со сличен карактер, воедно со поддршка на Министерството за култура.

Шесто издание на фестивалот на уличната уметност

Ова е шесто издание на уличниот фестивал „Статуа фест“ кој низ годините со различни теми го привелкува вниманието на јавноста. Минатата година, фестивалот раскажуваше улични приказни за скопјани од секојдневието, а во пандемската 2020 година, темата на фестивалот беше „Скопје во времето на корона“, со што целта беше да се испрати порака за заштита од Ковид-19.

Скопје на мапата на светските метрополи на фестивали со живи статуи

Низ годините наназад, на фестивалот учествуваа уметници од различни земји од регионот и Европа, кои средствата што ги добиваа преку баскинг (оставање прилог на изведувачите од страна на публиката), одлучија средствата што ќе ги соберат да ги донираат во хуманитарни цели.

„Статуа фест - Другото лице на улицата“     Фото: AA

Овој културен настан кој има повеќегодишен континуитет на одржување Скопје го стави на мапата на светските метрополи во кои може да се видат живи статуи на фестивалите, како и градот да стане препознатлив како дел од уличната уметничка сцена.

TRT Balkan / агенции
Популарни