По повод „Светскиот ден на појадокот“, амбасадата на Туркије во Скопје изминатиот викенд организираше средба со појадок.
На средбата што се одржа во резиденцијата на амбасадата присуствуваа турскиот амбасадор во Скопје, Фатих Улусој и поканетите гости.
Амбасадорот Улусој во својот говор се осврна на значењето што му го придаваат на појадокот и потсети дека Туркије во последните години организира настани низ светот за да го промовира богатиот Турски појадок.
Посочувајќи дека балканските земји кои споделуваат блиски историски и културни врски со Туркије се запознаени со турскиот појадок, Улусој рече дека географиите на Анадолија, Медитеранот, Егејот, Кавказот и Балканот имаат многу сличности во своите кулинарски традиции.
Потенцирајќи дека Туркије е меѓу водечките земји во светот по туризам и дека Северна Македонија е една од приоритетните земји за Туркије во областа на туризмот поради географската и културната близина, Улусој рече:
„Минатата година речиси 200.000 туристи од Туркије ја посетија Северна Македонија. Тоа значи дека приближно 20% од туристите кои ја посетиле Северна Македонија во 2023 година биле Турци. Во исто време, речиси 250.000 туристи од Северна Македонија ја посетија Туркије минатата година. Се надевам дека овој број ќе продолжи да се зголемува со вашиот вреден придонес“.
Давајќи информации за можностите на Туркије во областа на туризмот, амбасадорот Улусој истакна дека покрај летниот и зимскиот туризам, Туркије нуди и уникатно искуство и во културниот туризам.
Објаснувајќи дека античкиот град Ефес во Измир пречекува туристи не само во текот на денот, туку и по зајдисонце, благодарение на новопоставениот систем за ноќно осветлување, Улусој рече дека Анадолија, која се смета за лулка на цивилизациите, исто така е домаќин на многу верски места кои се значајни и за исламот и за христијанството.
Зборувајќи дека Туркије стана глобален центар во здравствениот туризам благодарение на нејзините неодамнешни успеси во здравствениот сектор, Улусој рече:
„Во 2023 година, 1,5 милиони пациенти од целиот свет ја посетија Туркије за да добијат третман во различни гранки на медицината, зајакнувајќи ја позицијата на Туркије како главна дестинација во медицинскиот третман. Нашата земја, особено Истанбул, има стратешка позиција во регионот како одлична точка на поврзување меѓу континентите и е домаќин на голем број меѓународни конгреси, зајакнувајќи ја мрежата на поврзаност меѓу различни професионални заедници. Многу меѓународни компании и меѓународни организации, вклучително и агенциите на Обединетите нации, го преферираат Истанбул за нивните глобални или регионални состаноци.“
Во рамките на настанот се одржа и програма за промоција на туризмот. Своја презентација имаа директорката за Маркетинг на производи на Агенцијата за развој на туризмот на Туркије, Џејлан Шенсој, претставникот на THY во Северна Македонија, Ерсин Сејфула, претставничката на Халк Сигорта, Елена Кузманова и генералниот директорката на хотелот „Алиба“ во Едрене, Есра Ѓоктепе Линч.