Еден од најзначајните џез-рок гитаристи во овој дел од Европа, Влатко Стефановски, со своето V3 трио, тргнува на пролетна турнеја, во чии рамки ќе посети неколку хрватски градови, а најавува дека сет листата ќе биде разновидна, по нешто за секого.
Обожавателите ќе можат да уживаат во неговата гитарска техника, со која вешто ги комбинира етно-џезот, инструменталниот рок, џез-фјужн и блузот, на 17 мај во Загреб, на 19 мај во Хрватскиот културен центар во Риека и на 21 мај на покривот на Културниот центар во Осиек, објави Мјузик Тајм (Music Time).
„Нашата сет-листа е доста голема, ако ги земеме предвид сите албуми што ги снимив во мојот живот. Ќе се потсетиме на некои стари работи, ќе свириме кавери на фолклорни теми, вокални нумери од различни периоди... Ќе биде разновидно и забавно, тоа е бенд кој свири рокенрол и фјужн и етно, така што ќе има по нешто за секого“, рече Стефановски.
Македонскиот виртуоз на гитара моментално свири со бендот V3 трио во кој членуваат Иван Кукиќ на бас и Јан Стефановски на тапани. Свирењето со млади момци, вели, е посебно задоволство.
„Концертите со моето трио ми се празник. Ова е веќе трета и најмлада ритам секција од основањето на бендот, но иако се млади, тие се компетентни и зрели музичари. Веќе имавме 90 концерти, снимивме и албум“, вели Стефановски.
Како член на групата „Леб и сол“ снимил 13 албуми. Со спојот на традиционалната македонска музика и рок, тие влегоа во историјата како еден од најпознатите бендови на поранешна Југославија, а песните како „Деветка“, „Јовано Јованка“, „Абер Дојде Донке“ влегоа во т.н. евергрини на македонската музика и се вреден дел од македонска култура.
Не помалку впечатлива е и самостојната кариера на Влатко Стефановски. Како независен музичар има издадено повеќе од четири албуми и продолжува да постигнува успеси. Неговото прво независно дело „Каубојци и Индијанци“ (1994) ги покажа различните интереси што ги следеше, од длабоките корени на народната музика до амбиенталните атмосфери и класичниот блуз.