Ова е јубилејно 35-то издание / Photo: AA

Во Скопје се отвори годинешното јубилејно 35. издание на Меѓународниот саем на книга.

Организаторот, Скопски саем, најавува богата седумдневна програма со над 60 издавачки куќи, а се очекува бројот на посетители да се искачи и до 30.000, како пред пандемискиот период.

Во рамките на програмата, се очекува присуство на голем број интересни домашни и странски автори, со промоција на нови книги во официјалниот Промотивен центар во Арената „Борис Трајковски“, додека на штандовите на издавачите се најавуваат едукативни работилници и цртање за најмладите посетители, како и средби со автори и потпишување книги.

Министерството за култура на Северна Македонија е традиционален покровител на Саемот.

Саемот на книга оваа година ќе трае од денес до 10 мај, а се одржува во Арената „Борис Трајковски“, секој ден од 10 до 20 часот.

Надлежните информираат дека во редовниот линиски превоз во Скопје се вклучени две привремени линии, 100 и 200, кои сообраќаат до Арената „Борис Трајковски“.

Цената на редовна влезница ќе изнесува 80 денари, а цената за организирани групи ученици ќе изнесува 50 денари по лице.

AA
Популарни