На сесиите се дискутираше за теми како што се историјата, развојот и важноста на турскиот јазик и култура на Балканот / Photo: AA

Во Скопје се одржа симпозиум на тема „Турскиот јазик и култура на Балканот“, како дел од одбележувањето на 21 декември - Ден на наставата на турски јазик.

На симпозиумот организиран од страна на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Сојузот на турски невладини организации на Македонија (МАТУСИТЕБ), под покровителство на Министерството за култура и туризам, присуствуваа турскиот амбасадор во Скопје Фатих Улусој, потпретседателот на ТИКА, Махмут Чевик, претставници на турските институции и организации во земјата, претставници на турските партии во Северна Макеоднија и голем број гости.

Амбасадорот Улусој, говорејќи на отворањето на симпозиумот, посочи дека од исклучително значење е трансферот на знаење и искуството во напорите за заштита и зачувување на турскиот јазик и култура на Балканот.

Заблагодарувајќи им се на сите што го дале својот придонес во организацијата на симпозиумот, амбасадорот Улусој рече:

„Ние можеме да го зачуваме нашиот идентитет, нашата традиција и нашата култура само доколку правилно го учиме и подучуваме нашиот јазик“.

Истакнувајќи дека катедрите за туркологија на Балканот придонесуваат за правилна промоција на турскиот јазик, култура и литература, амбасадорот Улусој додаде:

„И ние ги поддржуваме овие активности колку што можеме. Ќе продолжиме да работиме неуморно за да обезбедиме нашиот јазик и култура да продолжат да живеат на овие простори.“

Потсетувајќи дека врските на Турците со Балканот датираат уште од раниот Среден век, потпретседателот на ТИКА, Чевик, рече дека по монголската инвазија односите се одвиваат со Аварите, Печенезите и Куманите и продолжуваат со Сари Салтук и туркменските племиња, по што почнале да стануваат постојани за време на Османлискиот период.

Културните елементи кои се пренесуваат од генерација на генерација сведочат за големата блискост меѓу Балканот и Туркије AA

Посочувајќи дека интеракциите и односите што продолжиле и во 20. век се живи и денес, Чевик рече: „Културните елементи кои се пренесуваат од генерација на генерација, сведочат за големата блискоста меѓу Балканот и Туркије. Првенствено, би сакал да нагласам дека турскиот јазик и турската култура, турската уметност и литература во целина, имаат влијание врз начинот на живот, традициите и обичаите на сите народи на Балканот.“

Претседателот на МАТУСИТЕБ, Тахсин Ибрахим, рече дека зачувувањето на постоењето на турскиот јазик на Балканот, неговото поставување како дел од секојдневниот живот и пренесувањето на идните генерации бара голема посветеност, одлучност и страст.

Првата од двете сесии на симпозиумот ја модерираше проф. д-р Мустафа Исен, поранешниот генерален секретар на Претседателството на Туркије, додека модератор на втората сесија беше раководителот на Катедрата за турски јазик и книжевност на Универзитетот во Приштина, проф. д-р Ергин Жабле.

На сесиите се дискутираше за теми како што се историјата, развојот и важноста на турскиот јазик и култура на Балканот.

AA
Популарни