Европската комисија во средата објави дека од 4 јули ќе воведе дополнителни царински давачки до 38,1 отсто за електричните возила (ЕВ) увезени од Кина.
Со овој потег, ЕК само делумно ги следи САД, кои веќе воведоа жестоки увозни царини од 100 отсто за кинеските возила.
Истрагата, која започна минатата година, привремено заклучи дека кинеските електрични возила со батерии (БЕВ) имаат корист од „неправедните субвенции“, што резултира со конкурентен јаз.
Првата привремена одлука ги одредува поединечните давачки за кинеските компании БИД (BYD) на 17,4%, Гили (Geely) на 20%, и САИК (SAIC) на 38,1%.
Останатите кинески производители кои не биле опфатени во истрагата на комисијата ќе подлежат на царинска стапка од 21%, додека сите други производители кои не соработувале во истрагата ќе подлежат на резидуална царина од 38,1%.
Валдис Домбровскис, извршен потпретседател за економија што работи за луѓето и комесар за трговија, рече дека овој потег нема да го затвори пазарот на ЕУ за кинеските ЕВ, туку да обезбеди фер конкуренција.
Кинезите минатата година продадоа ЕВ во ЕУ во вредност од 10 милијарди евра и го зголемија својот пазарен удел на 8 отсто. Автомобилите Тесла, исто така, се увезени во ЕУ од Кина.
Кинезите веќе најавија трговска одмазда, но не се знае точно каква ќе биде.
Во моментов, Кина веќе применува увозни царини од 15 отсто на електричните автомобили од ЕУ.
Заедно со Германија и Шведска и Унгарија се многу јасно против новите увозни царини, токму поради стравот дека последиците од пресметката со Кина ќе донесе повеќе штета отколку корист.