Истрагата уследи по барањето Тему да информира што прави за да ја спречи продажбата на фалсификувани или небезбедни производи на платформата / Photo: Reuters

Европската комисија започна формална постапка против кинеската платформа за онлајн продажба „Тему“ за да истражи дали ги прекршува правилата за спречување на продажбата на нелегални и потенцијално опасни производи на нејзината веб-страница.

Како што е наведено, Европската комисија се сомнева дека Тему го прекршува Европскиот закон за дигитални услуги (ДСА), пренесува Блумберг.

Доколку се потврди сомневањето за прекршување на законот, Тему би можел да плати казна до шест отсто од својот глобален годишен приход.

Комисијата изјави дека ќе ја процени и транспарентноста и практиките за пристап до податоци на Тему, како и наводната употреба на функции кои предизвикуваат зависност за да ги натера клиентите да трошат повеќе пари.

Дополнително, Европската комисија ќе провери дали Тему ја контролира продажбата на нелегални производи и што прави за да ги отстрани лажните трговци од платформата.

По официјалната истрага на ЕУ, Тему има право да предложи усвојување контрамерки за да се одговори на загриженоста на Европската комисија и на тој начин да се избегнат потенцијалните високи казни.

Истрагата уследи по барањето на ЕУ од 11 октомври Тему да информира што прави за да ја спречи продажбата на фалсификувани или небезбедни производи на онлајн платформата.

Европската комисија тогаш соопшти дека побарала „детални информации и внатрешни документи за мерките за ублажување преземени против присуството и повторното појавување на трговци кои продаваат нелегални производи“ на платформата.

Информациите кои Тему досега ги доставил на ЕК се незадоволителни и не ја ублажиле загриженоста на Европската унија, додаваат анонимни извори.

Според експертите, Тему поттикнуваат импулсно купување, покажуваат лажни попусти, трошат милијарди на агресивно рекламирање, а податоците не се безбедни.

TRT Balkan / агенции
Популарни