Кина изразува силно незадоволство и се спротивставува на планот на ЕУ за воведување привремени царини за увоз на кинески електрични возила (ЕВ), соопшти кинеското Министерство за трговија, истакнувајќи дека потегот на Унијата ги игнорирал фактите и правилата на Светската трговска организација (СТО), политизирајќи ги економските и трговските прашања.
„Кина апелира до ЕУ веднаш да ги исправи своите лоши потези, да го спроведе важниот консензус постигнат на неодамнешната трилатерална средба Кина-Франција-ЕУ и да ги реши економските и трговските несогласувања преку дијалог“, изјави портпаролот на Министерството за трговија.
Тој рече дека Кина ќе ги преземе сите неопходни мерки за одбрана на легитимните права и интереси на кинеските компании.
Портпаролот на кинеското министерство истакна дека ЕУ ги игнорирала постојаните остри приговори на Кина, како и апелите на владите и индустријата во земјите-членки на Унијата, пренесе Ксинхуа.
Портпаролот изјави дека Кина е длабоко загрижена поради ваквиот развој на настаните.
„Наодите на европската страна немаат ниту фактичка ниту правна основа. Европската комисија го игнорираше фактот дека предностите на кинеската индустрија за електрични возила произлегуваат од отвореноста и конкурентноста. Европската комисија, исто така, ги игнорираше правилата на СТО и не ја призна целосната соработка на релевантните кинески компании во текот на истрагата“, истакнува портпаролот.
Според него, ЕК, произволно креирајќи и преувеличувајќи ги распределбите на Кина за субвенции, како и злоупотребувајќи ги „достапните факти“, пресуди дека Кина нуди субвенции на претерано високи нивоа.
„Таквата акција е бесрамен протекционизам што ќе создаде и ќе ги ескалира трговските несогласувања“, рече портпаролот, оценувајќи дека потегот не само што ги поткопува легитимните права и интереси на кинеската индустрија за електрични возила, туку и ги нарушува глобалните автомобилски индустриски и синџири на снабдување, вклучително и оние во ЕУ.
Портпаролот посочи дека на овој начин се прекршуваат договорите што ги постигнаа лидерите на Кина и земјите од ЕУ за зајакнување на соработката.
„Ова има лош ефект врз интересите на потрошувачите во ЕУ и на крајот ќе го поткопа целокупниот напредок на зелената транзиција на ЕУ и глобалната соработка во борбата против климатските промени“, посочува портпаролот.
Европската комисија во средата ги информираше кинеските производители на ЕВ за воведување дополнителни тарифи за нивните производи, кои ќе стапат на сила на почетокот на следниот месец.
Како што се наведува во соопштението, за автомобилите БИД (BYD) во иднина ќе се плаќа царина од 17,4 отсто, Гили (Geely) 20 отсто, а САИК (SAIC) 38,1 отсто.
Останатите кинески производители на автомобили ќе плаќаат давачки од 21 отсто, додека компаниите кои не соработувале во истрагата на ЕУ за субвенции очекуваат царина од 38,1 отсто.
Досега царините за увоз на кинески електрични автомобили изнесуваа 10 отсто.
ина би можела да возврати со мерките на ЕУ во областа на земјоделството, авијацијата и автомобилската индустрија, а Пекинг веќе започна истрага за некои видови европски алкохолни пијалоци.