Германскиот авиопревозник соопшти дека ќе откаже 646 летови од аеродромот во Франкфурт и 330 од аеродромот во Минхен   Фото: Ројтерс

Луфтханза денеска објави дека ќе откаже стотици летови поради планираниот штрајк на копнениот персонал на компанијата.

Германскиот авиопревозник соопшти дека ќе откаже 646 летови од аеродромот во Франкфурт и 330 од аеродромот во Минхен. Компанијата им соопшти на патниците дека штрајкот исто така може да предизвика дополнителни откажувања или одложувања на летовите подоцна оваа недела.

„Патниците погодени од откажувања ќе бидат веднаш известени и ќе бидат повторно резервирани алтернативни летови доколку е можно. Сепак, расположливите капацитети за ова се многу ограничени“, се вели во соопштението на компанијата.

Околу 20.000 вработени во Луфтханза се очекува да одржат еднодневен штрајк поради тековниот спор околу платите.

Синдикатот побара од вработените да престанат со работа од 3.45 часот по локално време во среда до 6 часот во четврток на аеродромите низ земјата.

Синдикатот бара зголемување на платите за 9,5% за да им помогне на вработените да се справат со инфлацијата, која во јуни достигна годишна стапка од 7,6%. Следната недела во Франкфурт се очекува да се одржи уште една рунда преговори за платите.

AA
Популарни