Се очекува фабриката да почне со производство на крајот на 2026 година и да отвори 5.000 работни места / Photo: AA

Кинеската компанија БИД (BYD), најголемиот светски производител на електрични возила, потпиша договор со турското Министерство за индустрија и технологија за инвестирање во Туркије.

Се очекува компанијата да изгради фабрика во Туркије со капацитет за производство на 150.000 возила, како и центар за мобилност, истражување и развој со вкупна инвестиција од 1 милијарда американски долари, соопшти Министерството во понеделникот.

Се очекува фабриката да започне со производство на крајот на 2026 година и да отвори 5.000 работни места директно во земјата.

Во понеделникот, страните го потпишаа договорот на церемонија на која присуствуваа претседателот Реџеп Таип Ердоган, турскиот министер за индустрија и технологија Мехмет Фатих Качир и претседателот и извршен директор на БИД, Ванг Чуанфу.

Ердоган се состана и со делегација на БИД во Истанбул.

Туркије во понеделникот, исто така, најави воведување дополнителен данок од 40 отсто за увезените возила од Кина за да се зголеми уделот на домашното производство на турскиот пазар и да се поттикнат инвестициите.

Комисијата на ЕУ најави и дополнителни тарифи за електричните возила од Кина.

БИД е водечки светски производител на електрични возила, со околу 3 милиони единици во продажба годишно.

Качир во соопштението за печатот рече дека напорите на Туркије да донесе нови технологии и за истражување и развој го истакнуваат нејзиниот потенцијал да стане не само центар за меѓународни инвестиции, туку и центар на иновации и напредна зелена технологија.

„Оваа инвестиција за производство на возила од новата генерација со висока домашна додадена вредност ќе ја зајакне нашата автомобилска индустрија“, рече тој.

Tуркије, третиот по големина производител на автомобили во Европа, ја гледа трансформацијата кон следната генерација еколошки електрични возила како приоритетна цел во автомобилскиот сектор, кој е водечки турски извозен сектор, подвлече тој.

Во понеделникот СВМ (SWM), друг кинески производител на автомобили, објави дека аплицира за изградба на фабрика во Туркије.


AA
Популарни