Пазарната вредност на „Туркиш ерлајнс“ ја надминa онаа на „Луфтханза“          Фото: Ројтерс

Пазарната вредност на „Туркиш ерлајнс“ достигна 10,26 милијарди долари и ја надминa онаа на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ чија вредност е 9,73 милијарди долари.

Цената на акциите на турскиот авиопревозник, која изнесуваше 20,02 турски лири (1,54 долари) на 31 декември 2021 година, вчера се качи за 592,3 отсто на 138,6 турски лири (7,43 долари).

Девизниот курс долар/турска лира беше 1:13 на крајот на минатата година, додека вчера изнесуваше 1:18,64.

Од друга страна, цената на акциите на „Луфтханза“ се зголеми за 25,7 отсто од почетокот на оваа година.

Додека „Туркиш ерлајнс“ брзо ги надмина негативните финансиски ефекти од пандемијата на Ковид-19 и многу силно го зголеми својот профит во 2022 година благодарение на потезите на глобално ниво, закрепнувањето на „Луфтханза“ по пандемијата не беше лесно.

Заклучно со третиот квартал од годината, вкупните приходи на „Туркиш ерлајнс“, 6,1 милијарди долари, ги надминаа вкупните приходи во истиот период од 2019 година за 52 отсто, додека приходите од воздушниот карго се зголемија за 110 отсто до приближно 880 милиони долари во истиот период.

Нето добивката на компанијата во третиот квартал изнесуваше 1,5 милијарди долари.

Додека пандемијата предизвика голема криза во глобалната воздухопловна индустрија, Групацијата „Луфтханза“, која исто така ги поседува „Еуровингс“, „Свис“, „Брисел“ и „Аустријан Ерлајнс“, дојде до точка на банкрот.

Владите на Швајцарија, Австрија и Белгија, а особено германската Влада, ја спасија компанијата од банкрот обезбедувајќи спасувачки пакет од 9 милијарди евра во 2020 година.

Поради падот на побарувачката за време на пандемијата, на авиокомпаниите им беше тешко да соберат средства преку зголемување на капиталот.

Со закрепнувањето на побарувачката на патниците, Групацијата „Луфтханза“ собра 2,14 милијарди евра во октомври 2020 година за да врати дел од пакетот за спас.

Од друга страна, Групацијата „Луфтханза“ објави оперативен профит за прв пат во пандемиската криза во третиот квартал од 2021 година, при што побарувачката за летови се зголеми по укинувањето на глобалните ограничувања за патување.

TRT Balkan / агенции
Популарни