Во девет фабрики на германскиот производител на автомобили Фолксваген во Германија се одржува предупредувачки штрајк.
По неуспешните преговори за платите меѓу раководството на Фолксваген и најголемиот германски синдикат ИГ Метал, вклучително и планот за затворање на неколку фабрики во Германија, синдикатот организираше предупредувачки штрајк во девет фабрики.
Предупредувачките штрајкови се планира да траат околу два часа и да се повторуваат секоја смена.
Во седиштето на Фолксваген во Волфсбург се очекува масовен мирен протест на вработените, а демонстрации ќе се одржат и во други фабрики.
Фолксваген на 28 октомври објави дека планира да затвори најмалку три фабрики во Германија и да направи масовни отпуштања.
Компанијата планира да ги намали и платите на работниците за десет отсто за да го задржи пазарниот удел и да ги намали трошоците.
Минатата недела, ИГ Метал предложи мерки со кои пресмета дека ќе се заштедат 1,5 милијарди евра, вклучително и откажување од бонуси за 2025 и 2026 година, но Фолксваген ги отфрли овие предлози.
Следната рунда преговори за платите меѓу Фолксваген и ИГ Метал е закажана за 9 декември.