Европската комисија предложи регулатива со нови правила за намалување на издувните гасови од моторните возила наречена Евро 7, во која за првпат се регулираат емисиите на честички и микропластика кои се испуштаат со употреба на гумите и сопирачките.
Новиот Евро 7 стандард ќе го замени претходниот, кој има посебни правила за емисиите од автомобили и комбиња (Евро 6) и за камиони и автобуси (Евро 5).
Со Евро 7 стандардот се воведува единствена рамка на правила за ограничувања на емисијата за сите моторни возила. Новиот стандард поставува исти ограничувања за емисија на штетни гасови за сите возила без разлика дали возилото користи бензин, дизел, електричен погон или алтернативни горива.
Нацрт-регулативата вклучува емисии од издувните цевки, како и од сопирачките и гумите.
Сите автомобили и комбиња кои ќе влезат на пазарот на ЕУ ќе мора да имаат нула емисија на јаглерод диоксид од 2035 година, но повеќе од 20 проценти од автомобилите и комбињата и повеќе од половина од тешките возила се очекува да испуштаат емисии на издувните цевки во 2050 година.
За разлика од моторите со внатрешно согорување, електричните возила не испуштаат издувни гасови, но сепак предизвикуваат загадување поради сопирачките и микропластиката од гумите.
Новите правила поставуваат дополнителни ограничувања за емисиите на честички од сопирачките и микропластиката од гумите и ќе важат за сите возила, вклучувајќи ги и електричните.
„Ние сме први во светот што ќе ги регулираме емисиите од гумите и сопирачките“, изјави Тиери Бретон комесарот за внатрешен пазар на ЕУ.
Новите правила, исто така, поставуваат ограничувања за емисиите за претходно нерегулирани загадувачи, како што се емисиите на азотни оксиди од тешките возила.
Комисијата проценува дека емисиите на честички, кои се генерираат со употреба на сопирачки за автомобили и комби возила, ќе се намалат за 27 отсто до 2035 година.
Дотогаш емисијата на азотни оксиди ќе се намали за 35 отсто кај автомобилите и комбињата во однос на Евро 6 или за 56 отсто кај автобусите и камионите во однос на стандардот Евро 6.
„Не можеме да прифатиме општество каде што загадувањето на воздухот е причина за повеќе од 300.000 предвремени смртни случаи годишно во ЕУ. Новите правила ќе ни помогнат да дишеме побезбедно и ќе му помогнат на автомобилскиот сектор да стане позелен и поотпорен“, рече Маргрет Вестагер извршната потпретседателка на ЕК.