Глобалниот пазар на електрични возила (ЕВ) е подготвен за уште една година со силен раст, а продажбата се очекува да надмине 20 милиони единици, што е зголемување од 18% во однос на 2024 година, процени Ро Мошн една од водечките истражувачки компании за ЕВ.
Раст се очекува при промени во регулативите во клучните региони. Кина го задржува водството, ЕУ спроведува построги стандарди за заштита од загадување, а Северна Америка се прилагодува на промените во политиката под администрацијата на Доналд Трамп.
Опишувајќи ја 2025 година како „година на регулативата“, Иола Хјуз, шеф на одделот за истражување на Ро Мошн, рече: „ЕУ е фокусирана на ограничување на загадувањето, претседателството на Трамп ветува промени за САД, а Кина ја продолжува политиката на високи субвенции. Сепак, очекуваме година на постојан раст во сите региони, при што Кина останува лидер“.
Кина според проекциите ја предводи револуцијата на ЕВ, со очекувана продажба од 12,9 милиони единици во 2025 година, што ќе значи раст од 17% во споредба со 2024 година.
Доминацијата на земјата е засилена со нејзината агресивна експанзија на меѓународните пазари, при што големите производители како BYD и Great Wall Motors основаат производствени капацитети во странство, вклучително и во Бразил и Унгарија.
На домашен план, продолжувањето на шемата за субвенции треба да го одржи високото ниво на побарувачка во Кина, се наведува во извештајот.
„Следната фаза за зрелиот пазар на ЕВ во Кина е поголема консолидација на производителите и понатаму оваа година, можеме да очекуваме дека земјата ќе ја прескокне пазарната заситеност на ЕВ од 50% наспроти мотори со внатрешно согорување“, се вели во извештајот.
Се предвидува дека европскиот пазар - ЕУ, Европската асоцијација за слободна трговија и Обединетото Кралство ќе закрепнат од тешката 2024 година, во која продажбата беше намалена за 3% во споредба со 2023 година.
Новите стандарди за емисии кои стапуваат на сила се очекува да доведат до раст од 15% на годишно ниво, со 3,5 милиони единици предвидени да бидат продадени во 2025 година.
И покрај ова закрепнување, европските производители на автомобили се соочуваат со значителни пречки, вклучувајќи го и ризикот од казни до 10 милијарди евра за неисполнување на строгите цели за емисија на штетни гасови.
Многу производители на автомобили се фокусираат на нови помали и достапни ЕВ модели со цена под 25.000 евра за да го засилат прифаќањето кај потрошувачите кои се свесни за трошоците.
Во САД и Канада, пазарот на ЕВ се предвидува да порасне за 16% во 2025 година, со продажба од 2,1 милиони единици.
Транзицијата кон администрацијата на претседателот Доналд Трамп носи несигурност во секторот, особено во врска со потенцијалните промени во политиката, како што е отстранувањето на даночните кредити за електричните возила.
Сепак, моменталното влијание во 2025 година се очекува да биде минимално, бидејќи производителите веќе ги поставија своите планови за оваа година.
„По неговата инаугурација, законодавната агенда на претседателот Доналд Трамп е во полн замав и иако отстранувањето на даночните кредити за ЕВ ќе влијае на долгорочниот пазар, оваа година ќе се забележат мали промени бидејќи електрификацијата на возилата нема да престане“. изјави Хјуз.